
Со Лешочкиот фестивал заживува концертниот живот во Полошкиот Регион
Петтото издание на Лешочкиот камерен музички фестивал ќе се одржи со програма распоредена во три вечери, на 12, 14 и 18 септември, во Духовно-културниот центар „Кирил Пејчиновиќ“ во селото Лешок.
Препорачано
Три фестивалски вечери со пет концерти на камерна музика се главната програмска содржина на петтото издание на Лешочкиот камерен музички фестивал. И годинава Министерството за култура и туризам финансиски го поддржа одржувањето на фестивалот, а комисијата за музичко-сценска дејност, после успешните изданија на фестивалот во изминатите четири години, овозможи Лешочкиот фестивал да биде едно од културните обележја на Полошкиот Регион.
– Целта на фестивалот е приближување на различните култури преку универзалниот јазик – музиката, како и промовирање истакнати и млади музички уметници од Полошкиот Регион, со едно гостување од странство. Воедно, овој фестивал претставува и промоција на овој регион, во кој настаните од ваков вид се во многу мал број. Идејата за фестивал на необично и егзотично место тлееше во нас веќе подолг период и многу сме среќни што во 2021-та година успеавме за првпат да го реализираме. Инаку, одржувањето на вакви фестивали на необични, атрактивни локации се од особено културно значење за една земја и веќе долги години се во тренд во сите поразвиени европски земји. Од нашето долгогодишно искуство како концертни уметници кои настапуваат во странство, забележавме дека повеќе фестивали се организираат на необични, планински, егзотични места кои се од особено културно значење за регионот, како Вербиер во Швајцарија и многу фестивали во Италија, Франција, Германија и Скандинавските земји. Покрај заживувањето на концертниот живот во Полошкиот регион, мотото на фестивалот е – Зближување преку уметноста и приближување на различни култури преку универзалниот јазик – музиката, посебно на двете најголеми етнички заедници во овој регион, македонската и албанската. Оваа наша идеја ја поддржа диригентот проф. Ивица Зориќ, на чија иницијатива е направена убава концертна сала во Лешок со клавирот на нашиот доајен Тодор Скаловски-Тетоец – објасни пијанистката Маја Шутевска-Кировска, една од организаторите на фестивалот.
На свеченото отворање на фестивалот на 12 септември, на првиот концерт во 18 часот, ќе настапат Михаило Арсенски – тенор и Зоран Станишиќ – пијано, а на вториот концерт, од 19 часот, ќе настапи Арбер Таири – виолина и Анастасија Грговска – пијано. Арбер потекнува од Тетово и живее и работи во Тетово, а тоа е идејата на фестивалот, да настапуваат уметници од Полошкиот Регион.
На втората фестивалска вечер, на 14 септември, ќе настапат гостите од Србија и Италија Ангела Братиќ – флејта и Дијана Ночиеро – пијано, со почеток во 19 часот.
На третата фестивалска вечер, на 18 септември, првиот концерт во 18 часот е резервиран за младите музички уметници Бисера Кировска – виолина со пијано придружба на Маја Шутевска-Кировска и на младиот пијанист Гент Исени. На вториот концерт, од 19 часот, ќе настапат Трио „Анимато“ – Светлана Димитриевска на пијано, Симона Марчоковска-Манојловска на флејта и Даниела Неделковска на флејта.
Годинава фестивалот е финансиски поддржан и од ТТК Банка.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 297, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 6-8.9.2025)