Концертите на Влатко Стефановски беа најавени на средба со новинарите во „Аудиокултура“

Со јубилејни концерти во Македонската филхармонија гитаристот Влатко Стефановски ќе одбележи 50 години музичка кариера

Врвниот гитарист, композитор и македонска музичка легенда Влатко Стефановски на 9 и 10 мај во Македонската филхармонија ќе одржи јубилејни концерти со кои ќе биде одбележана неговата импозантна 50-годишна музичка кариера.

Исклучително ретки се музичарите што успеваат во континуитет да се одржат и да опстојат на музичката сцена во долг временски период. Ако станува збор за половина век, тогаш за многумина тоа е невозможна мисија. Величината на Влатко Стефановски, меѓу другото, е во тој подвиг да успее да опстои 50 години на музичката сцена. Така тој стана македонски бренд во светот на рок, џез и блуз-музиката, кој зад себе има остварено раскошна кариера што го обликуваше современиот македонски музички пејзаж, но и целите балкански простори.

Од соработката со „Кроација рекордс“ минатата година на Стефановски му се оствари желбата да снима во познатите студија „Ејби роуд“ (Abbey Road Studios) во Лондон, во кои своите албуми ги создавале најпознатите групи на сите времиња, а меѓу нив и „Битлси“. Во студиото број три на „Ејби роуд“ Стефановски го сними своето издание „London Sessions“.

– Бескрајно сум благодарен поради ова издание „London Sessions“. Станува збор за нешто што не му се случува на секој музичар и порано сум кажал дека некои работи можеш сам да ги испланираш, а некои работи мораат тебе да те испланираат. Можеме да мечтаеме различни работи, но не значи дека може да ги добиеме. Јас сум од дете задоен, благодарение на мојот брат Горан Стефановски, со музиката на „Битлси“ и ги знам сите нивни албуми и песни. Да се дојде во тој храм на популарната музика е навистина остварување на детски сон – рече Стефановски на средба со новинарите на која беа најавени двата концерти во Македонската филхармонија.

На концертите ќе бидат изведени музички теми од неговите најнови винилни изданија за „Кроација рекордс“. Како гости на концертите ќе настапат Момчило Бајагиќ – Бајага, македонскиот кларинетист Горан Бојчевски, кој живее во Словенија, Дамир Имери, во чие студио е дооформен материјалот на новите изданија, како и членовите на триото на Влатко Стефановски – Иван Кукиќ и Јан Стефановски. Како придружни вокали ќе настапат „Трио Струмица“.

– Некои ќе речат дека Јан го протежирам затоа што ми е син, но тој го заслужи местото во триото. А Иван Кукиќ е едно чудо од музичар. Кој инструмент сакаш дај му да го свири, тој ќе отсвири, а и ќе отпее. Пред седум години, како многу млади ги фрлив во студена вода, на голема сцена, како предгрупа на Стинг и ја оправдаа довербата – истакна Стефановски.

Организатор на концертната турнеја со јубилејни концерти на Влатко Стефановски е познатиот продуцент Томислав Кашљевиќ од продукцијата „Мјузик тајм“. Заедно работат веќе пет години и досега соработувале на концерти во Лондон, Виена, Осиек, Загреб и во Белград. Кашљевиќ рече дека со Влатко Стефановски е лесно и тешко да се работи. Лесно, затоа што тој откако ќе му се исполнат сите организациски услови, дава сѐ од себе, полни сали и луѓето што го слушаат ги прави среќни, а тешко оти не е лесно да се исполни сето она што се бара.

Во однос на изданието „London Sessions“, музичката уредничка на „Кроација рекордс“, Клаудија Чулар, истакна дека сакале тоа да биде еден мал исчекор во музичката историја. Да не биде само уште една компилација, да не биде само уште еден пресек на една сјајна, импресивна педесетгодишна кариера, туку сето тоа заедно да биде издадено како нов студиски албум.

Уште едно големо признание на музичките вредности на Влатко Стефановски се персонализираните гитарски жици од светски познатата компанија „Thomastik-Infeld“ од Виена, кои од неодамна го носат неговиот потпис.

– Навистина ми е чест, затоа што првиот ендорсер им е гитаристот Џорџ Бенсон, вториот сум јас. На мои пријатели гитаристи им ги делам тие жици со големо задоволство – истакна Стефановски.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 279, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 3-4.5.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот