
Со два концерта во Филхармонија почнува петтото издание на „Скопски градски фестивал“ на „Баги комуникации“
Јубилејното петто издание на „Скопски градски фестивал“, со возбудлива и исклучително квалитетна програма во организација на „Баги комуникации“, ќе се одржи во три фестивалски вечери, на 7, 9 и 15 мај.
Препорачано
Отворањето на фестивалот е на 7 мај, во камерната сала на Филхармонија, каде во 20 часот ќе настапи гитарското дуо „Роџерс и Харисон“, а веднаш потоа ќе следува концерт и на битолската група „Код 369“.
Дуото „Роџерс и Харисон“ го сочинуваат двајца извонредни музичари, гитаристи со долгогодишно искуство на западно-европските сцени. Харисон, кој доаѓа од Германија, и Роџерс, кој е австриски државјанин со македонско потекло, на концертот во Скопје ќе ја претстават својата музика, која е фузија на смут-џез, њу ејџ и етно-елементи, ритмички богата и со допадливи мелодиски линии.
Групата „Код 369“ се миленици на домашната и на регионалната публика и медиуми. Нивниот последен албум го издаде хрватската дискографска куќа „Кроација рекордс“. Нивната музичка мисла е на границата меѓу алтернативниот рок и комерцијалната рок и поп-музика, задржувајќи ја свежината, слободата и авангардните идеи од првата категорија и прифатливоста на втората.
Нивниот концерт во рамки на „Скопски градски фестивал“, на кој ќе настапат заедно со еден од нашите најдобри пијанисти Бобан Мирковски, ќе биде прво претставување на албумот „Стадиуми на љубовта“, но и на новиот материјал за вториот албум, во акустична верзија. На концертот како специјален гостин ќе настапи и извонредната вокална солистка Агни Авшар.