
Снуп Дог ќе биде „амбасадор на среќата“ на Зимските олимписки игри во Италија
Американскиот рапер Снуп Дог ќе се врати на Зимските олимписки игри во Милано и Кортина следната година како дел од телевизискиот тим на „Ен-би-си“, по неговите исклучително популарни и наградувани настапи на Олимписките игри во Париз во 2024 година, пренесува „Билборд“.
Препорачано
„Ен-би-си“ известува дека, како и во Париз, Снуп ќе „ги истражува иконските знаменитости и култура на регионот, ќе присуствува на олимписки натпревари и ќе ги бодри спортистите заедно со своите пријатели и семејства“ и ќе го сподели своето искуство со публиката во ударниот термин.
Зимските олимписки игри во северна Италија ќе се одржат од 6 до 22 февруари 2026 година.
„Ќе ги донесам моите дебели јакни, панталони за снег, очила, лизгалки (и ќе ставам сериозна шминка за да можам да блескам како мраз)“, вети Снуп во неделата.
„Со нетрпение очекувам да славам со спортистите и нивните семејства. Олимписките игри се најголемата сцена во светот и како што сите знаат, јас сум за спорт, зближување на луѓето и обединување преку забава“, рече тој.
Извршната продуцентка на Олимписките игри на „Ен-би-си“, Моли Соломон, рече дека „нашиот амбасадор на среќата се врати!“
„Едвај чекаме да видиме како детето од Лонг Бич се справува со италијанскиот снег и мраз на своите први Зимски олимписки игри“, рече таа. Калвин Бродус, попознат како Снуп Дог, освои две спортски награди Еми и беше прогласен за „нов глас на народот на „Ен-би-си“ “ од Њујорк Тајмс.