Profimedia

Смртта на писателот на „Малиот принц“ била мистериозна и фасцинантна како и неговиот живот

Приказната за Антоан де Сент Егзипери за средбата на еден пилот и малиот принц од друга планета ги воодушевува читателите ширум светот уште од далечната 1943 година. Дури и ако напамет го знаете „Малиот принц“, нема да зажалите ако прочитате неколку интересни факти за самиот роман и неговиот автор.

Сент Егзипери пишувал за нешто за што имал искуство

При опишувањето на падот на авионот во Сахара на почетокот на книгата, Егзипери пишувал за нешто за што имал искуство. Иако светска слава стекна како автор на „Малиот принц“, пред Втората светска војна во Франција бил познат како аристократ кој со авион ги поминувал поштенските рути за Африка и Јужна Америка, а извесно време дури работел и како пробен пилот. Обидувајќи се да постави рекорд во брзина на преминување на рутата меѓу Париз и Сајгон, писателот се урнал во пустината, на околу двесте километри од Каиро.

„Малата сирена“ веројатно послужила како инспирација за „Малиот принц“

Иако сè уште се расправа за вистинското потекло на идејата за приказната за малиот принц, една од општо прифатените теории е дека Сент Егзипери бил инспириран од бајката на Ханс Кристијан Андерсен, „Малата сирена“. Во раните 40-ти години на минатиот век, писателот смртно се досадувал додека се опоравувал од повредите здобиени во разни авионски несреќи. За да го развесели, една пријателка решила да му ја прочита бајката „Малата сирена“, што го натерало да размисли да напише бајка.

Сопругата на писателот веројатно била инспирација за розата на принцот

Врската меѓу Антоан и Консуело била бурна. Тие најголемиот дел од бракот го поминале живеејќи одвоено, но таа цело време била негова муза. Тој ја чувал и заштитувал исто како што малиот принц ја чувал неговата роза. Иако принцот на своето патување среќавал и други рози (во случајот на Егзипери, други жени), лисицата го потсетува дека неговата роза е единствена за него затоа што „засекогаш си одговорен за она што си го скротил“. Оваа теорија дополнително ја потврдува насловот на автобиографијата на Консуела „Мемоари на розата“.

Сент Егзипери самиот ја илустрирал својата книга

Авторот на едноставните акварелни илустрации во „Малиот принц“ бил самиот писател. Тој не се сметал себеси за сликар, но целиот живот сакал да црта и постојано скицирал мали човечки фигури на парчиња хартија.

Импровизирал илустрирајќи поедини модели

Сент Егзипери своите илустрации ги засновал на она што можел да го види во сопственото опкружување – пудлицата на неговиот пријател станала овца, а неговиот домашен миленик бил модел за тигарот.

Еден од главните ликови не му е прикажан на читателот

Интересно е што пилотот наратор, кој е еден од главните ликови на приказната – никогаш не е прикажан во книгата. На изложбата организирана во 2014 година во музејот Морган во Њујорк, на посетителите им биле претставени многу од необјавените цртежи на Егзипери, меѓу кои бил и еден на кој е прикажано како пилотот спие покрај авионот.
„Можеме само да шпекулираме зошто решил да ја отстрани таа слика. Но, тој не се двоумеше да исфрли сè што не е од суштинско значење за приказната“, коментира Кристин Нелсон, кустос на изложбата.

Profimedia

Орсон Велес сакал да сними адаптација на „Малиот принц“ со помош на Волт Дизни

Велс бил воодушевен од приказната и веднаш штом ја прочитал книгата, решил да ги купи правата за филмот. Сакал да работи со Дизни и го замоли да управува со специјални ефекти, но двајцата генијални уметници не успеале да ја остварат соработката. Дизни верувал дека овој проект ќе ги засени неговите филмови и, наводно, избегал од еден состанок викајќи: „Овде нема доволно простор за два генијалци!“
Оригиналот на сценариото на Орсон Велс исто така се нашло на изложбата во Морган.

Сент Егзипери го оставил ракописот кај еден пријател пред повторно да ѝ се приклучи на војската

Една од најпознатите книги на сите времиња стигнала до издавачите на исклучително необичен начин. Егзипери едноставно ја фрлил стуткана торба со оригиналниот ракопис и илустрациите на масата на еден пријател и побрзал да се врати во Франција. На 140 рачно напишани страници се наоѓале куп прецртани реченици, нечитливи пасуси, дамки од кафе и траги од цигари.

Ракописот го оставил како подарок, велејќи: „Би сакал да ти оставам нешто одлично, ама ова е сè што имам“.

Егзипери (десно) со пријател од воздухопловството/Profimedia

Писателот мистериозно исчезнал откако ја завршил книгата

Кога книгата била објавена во Франција, за Егзипери веќе цела година се претпоставувало дека е мртов. Неговата смрт била мистериозна и фасцинантна како и неговиот живот.

По пристигнувањето во Алжир, тој некако успеал да се приклучи на воздухопловните сили на Слободна Франција и повторно му била дадена можност да лета, иако не било проверено какво е неговото физичко и ментално здравје. Неговиот авион исчезнал за време на извидничката мисија во 1944 година и оттогаш никој не го видел. Не се знае дали бил соборен од непријателските авиони или тој самиот го урнал авионот правејќи самоубиствен маневар. Телото на писателот никогаш не било пронајдено.
Првата трага за неговата судбина била идентификациската нараквица која ја пронашол рибар во 1998 година недалеку од брегот на Марсеј. Две години подоцна, еден нуркач ги открил остатоците од авионот на Егзипери.

„Малиот принц“ е преведен на повеќе од 250 јазици

Книгата на Егзипери е едно од најчитаните и најпреведуваните дела на светската литература. Преведена е на повеќе од 250 јазици.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот