Групна фотографија на учесниците на фестивалот „Зрно“ во Смилево / Фотографија: Калин Маџовски

Смилево беше европска лабораторија за алтернативна фотографија за време на одржувањето на фестивалот „Зрно“

Во манастирот „Св. Петар и Павле“ во Смилево од 17 до 23 јули се одвиваше едно од најнеобичните и најживописни собирања на фотоуметници ова лето во овој крак на галаксијата.

Околу педесет фотографи, студенти по визуелни уметности и млади автор(к)и од цела Европа, заедно со волонтери од Македонија, Србија и Словенија, учествуваа на седмото издание на фестивалот „Зрно“ – платформа посветена на алтернативни и благородни историски фотографски процеси.

Наместо класична школа, уметничка колонија или резиденција, „Зрно“ понуди простор за игра, експерименти и длабинско истражување на заборавените благородни фотографски техники. Се изработуваа цијанотипии, колодиумски плочи, гумени печати, лумен принтови, класични црно-бели фотографии, хемиграми, фоџо-фотографии, мордансажи, креативни полароид техники – рачни изработки што нудат тактилност, слобода во истражувањето и многу уживање – често со користење локални материјали, природна светлина и импровизирана опрема. „Зрно“ е повеќе од сето наведено, тоа е простор каде се сретнуваат и споделуваат различни културни и творечки светови, во божествена природа и автентично македонско опкружување.

Презентација на сува желатинска плоча со Миша Кескеновиќ / Фотографија: Калин Маџовски

Избор на негативи од опусот на браќата Манаки, љубезно отстапени и скенирани од Архивот на Македонија – одделение Битола, беа користени и интерпретирани во некои историски техники, и им беше даден нов живот и современа интерпретација, како начин да се оддаде почит кон нивното дело како дел од соработката на „Зрно“ со Архивот на Македонија.

Како што фестивалот расте, Смилево сè повеќе се вградува на европската мапа како центар за експериментална фотографија и нови форми на визуелно образование. За пошироката јавност поинтересен дел од програмата се случи на 19 јули во смилевската кооперација: изложбата на австрискиот автор Флоријан Копр, поетска проекција на документарен филм, на сретсело под отворено небо во соработка со „МакеДокс“, и акустичен концерт на Филис Синаноска во селската кооперација – претворена во простор за мали културни чуда, собирање и поврзување, во соработка со НУ „Смилевски конгрес“. Покрај смилевци, на овој ден беа присутни и посетители од Битола, Прилеп и Демир Хисар.

Работилница за аналогна фотографија / Фотографија: Калин Маџовски

„Зрно“ продолжува да ги брише границите меѓу фотографијата, уметноста, локалната заедница и природната средина – и од манастирскиот комплекс во Смилево, испрати силен сигнал дека новиот европски фотографски дух не се раѓа само во галериите, туку и таму каде што постои тишина, љубопитност и отворено небо. Со вистинска поддршка, „Зрно“ може да прерасне во сериозен заштитен знак на културата, но и на туризмот на Македонија.

Во рамките на манифестацијата „Културен амалгам“ во соработка со КИЦ – Скопје, фестивалот „Зрно“ ја претстави работата на фотоклубот „Ирис“ од Темишвар, Романија, под палката на фотографот Дамиан Диаконеску. Изложбата беше поставена во Крива Паланка, Куманово и Скопје.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 293, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 9-10.8.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот