
Сметководителите не се имуни на ковид – бараат продолжен рок за годишните сметки
Сметководителите имаат прекуси рокови за поднесување на голем број обрасци до државните органи како што се годишните сметки и финансиските извештаи, а државните органи остануваат глуви на нивните барања за продолжување на овие рокови како што е во многу други земји. Освен тоа, сметководителите се соочуваат со доцнење на доставата на решенијата за враќање на субвенциите за плати за 2020 година од страна на УЈП, поради што дојде до преклопување со решенијата за враќање на средства за 2021 година, се пожалија од Комората на сметководители. Тие стравуваат дека поради доцнењето на УЈП може да се соочат со присилни извршувања не по своја вина.
Препорачано
-За да се постигне побрзо надминување на последиците од ковид кризата државните органи најнапред треба да се фокусираат на реалниот сектор, односно да носат политики кои ќе ја унапредат работата на претпријатијата и на целото економско општество. Доколку го прават спротивното, нема напредок ниту во претпријатијата ниту во економијата на целата држава, велат оттаму.
Тие уште лани во октомври поднеле барање до Министерството за економија за продолжување на роковите што може да се направи со одлука на министерот без да се интервенира во Законот за трговски друштва. Од Комората велат дека ни сметководителите не се имуни на ковид пандемијата и дека работат со ограничени ресурси па оттука е неможно да се испочитуваат роковите годишните сметки во хартиена форма да се поднесат до 28 февруари односно до 15 март во електронска форма и бараат рокот да биде продолжен до 31 март како што е во Хрватска, Словенија, Германија, Франција, Шведска и други земји.
Сметководителите бараат да не се повтори ситуацијата од лани кога рокот беше продолжен во последен момент и тоа само за два дена. За решавање на овој проблем тие бараат средба со министерот.