Роберт Голоб
Роберт Голоб / Фото: Фејсбук, Роберт Голоб

Словенечкиот премиер Голоб може кривично да одговара, обвинителството предлага истрага

Специјалното обвинителство на Словенија поднесе барање за судска истрага против премиерот Роберт Голоб до Окружниот суд во Љубљана, јави словенечката редакција на телевизијата „Н1“.

Истрагата била побарана вчера по предметот „Бобнар“, поврзан со тврдења за наводна интервенција во работата на полицијата, кои против премиерот ги изнесе поранешната министерка за внатрешни работи Татјана Бобнар.

Полицијата поднесе кривична пријава против премиерот Голоб до специјалното обвинителство лани во октомври, потсетува Н1. Како што објасни полицијата тогаш, премиерот е обвинет за „давање подароци за незаконско посредување“.

Ако судот одлучи да се произнесе по барањето на специјалното обвинителство за судска истрага, против Голоб ќе се отвори кривична постапка, со што тој ќе добие статус на обвинет.

Адвокатот на премиерот, Стојан Здолшек, изјави за Н1 дека не бил информиран за поднесувањето на барањето за судска истрага, бидејќи обвинителството не го известило за тоа. Сепак, тој истакна дека е длабоко убеден дека нема основано сомневање поради кое судот би отворал судска истрага против премиерот.

Поранешната министерка Татјана Бобнар не сакала да даде коментар и ги упати новинарите на Н1 кон својот адвокат Лука Шваб, соопшти телевизијата. Тој само изјавил дека биле информирани за одлуката на обвинителот од претставници на медиумите и дека сè останато е прашање на проценка и истрага од страна на властите и судот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот