Словенечкиот писател на крими-романи Тадеј Голоб ќе гостува во Скопје

Најпродаваниот словенечки писател на крими-романи – Тадеј Голоб, по чии дела се снимени словенечките хит серии „Езеро“ и „Ленинов парк“, на 18 и 19 октомври ќе гостува во Скопје.

Романот „Езеро“ го издаде „Чудна шума“ на македонски јазик во 2019 година, додека „Ленинов парк“ – вториот дел од хит серијалот за инспекторот Тарас Бирса, ќе излезе следната година. Романот „Езеро“ на Тадеј Голоб е најпродаваниот крими-роман во Словенија – продадени се повеќе од 25.000 примероци од книгата.

Гостувањето на писателот Тадеј Голоб во Скопје ќе биде одбележано со два настана. Првиот настан, на 18 октомври, во 18 часот, во заедничка организација на издавачката куќа „Чудна шума“ и Театар Комедија, ќе се одржи промоцијата на романот „Езеро“ со присуство на авторот Тадеј Голоб во Бистро „Комедија“. Покрај авторот, на промоцијата ќе присуствува и преведувачот на романот од словенечки на македонски јазик – Дарко Јан Спасов. Промотори ќе бидат Александар Маџаровски и Билјана Црвенковска, а извадок од романот ќе прочита актерот Атанас Атанасовски.

Вториот настан – претставување на авторот Тадеј Голоб и на романот „Езеро“, како и средба со читателите, ќе се одржи на 19 октомври 2022, во 19 часот, во заедничка организација на издавачката куќа „Чудна шума“ и Градска библиотека „Браќа Миладиновци“. Настанот ќе се одржи во просториите на библиотеката – во салата „Т’га за југ“. Разговорот со авторот ќе го водат Александар Маџаровски и Билјана Црвенковска, а извадоци од романот ќе прочита Андреј Серафимовски.

Настаните се поддржани од Јавната агенција за книга на Република Словенија, „Креативна Европа“ и словенечкиот издавач на романите на Тадеј Голоб – издавачката куќа „Гога“, известија од „Чудна шума“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 150, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 15-16 октомври 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот