
„Слободен печат“ пресмета за вас: Колку ќе чини струјата по новите блок тарифи
Оние што зимоска за струја плаќале 10.700 денари, според новата методологија за пресметка на цените ќе треба да платат 2.800 денари повеќе. Кога на тоа ќе се додаде и најавеното поскапување на струјата, за истата потрошена струја претстојната зима ќе треба да се платат над 13.500 денари.
Анализите на експертите во врска со блок тарифите покажале дека е потребно висината на потрошените киловат часови во пониските тарифи да биде на повисоко ниво, односно по евтина цена да се признаваат повеќе потрошени киловат часови од што беше досега најавено од Регулаторната комисија за енергетика. Според сегашниот предлог на РКЕ има четири тарифи односно прв блок до 210 киловат часови електрична енергија, вториот блок од 211 до 420, третиот блок влегуваат оние кои ќе трошат од 421 до 630 и четвртиот блок се потрошувачите над 630 киловат часови електрична енергија.
Препорачано
Сепак, според она што беше досега објавено како предлог од Регулаторната комисија за енергетика „Слободен печат“ направи симулација колку граѓаните ќе плаќаат по ново со очекување дека сегашната цена на струјата ќе се задржи.
Па така тричлено семејство, кое живее во куќа од осумдесетина квадратни метри во скопската населба Чаир во февруари годинава платило струја 10.789 денари. Семејството кое својот дом го загрева со обичен клима уред (не инвертор) и неколку греалки во собите според новиот тарифник за пресметка на цената на струјата кој треба да стапи за десетина дена, би требало да плати околу 13.500 денари, односно над 25 отсто повеќе.

Ова меѓудругото го покажува пресметката на калкулаторот објавен на сајтот на Регулаторната комисија за енергетика. Во услови кога огревното дрво поскапе за 20 отсто, а еден кубик на дрва деновиве изнесува околу 4.500 денари, цената на нафтата се менува на дневно ниво, а пелетите за греење се во недостиг и поскапени, останува не јасно како граѓаните ќе ги загреваат своите домови, а при тоа да не бидат погодени од најавите за нови поскапувања на струјата.
Повеќе од јасно е дека оние што во зимно време трошеле над 10.000 денари за струја, со новите пресметки може да добијат повисоки сметки во наредните месеци и до 3.500 денари, при тоа во овие пресметки не е вкалкулирано и најавеното поскапување на струјата од 1 јули, за кое претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски, рече дека може да биде околу 10 отсто.
Паралелно на ова „Слободен печат“ изготви и компаративна пресметка на сметка за електрична енергија со помала потрошувачка во киловат часови. Па така четиричлено семејство кое живее во општина Карпош во двособен стан од околу 50-тина квадрати оваа година во април месец за струја платило 1.696 денари. Според новиот тарифник за истата количина потрошени киловати електрична енергија по ново би требало да плати 1.405 денари без комуналната такса, односно со комунална такса 1.688 денари. Па така пресметката по новата методологија говори дека оние кои ќе трошат малку во најмала рака ќе плаќаат исто или помалку од досега.

Така според калкулаторот сметките летно време во просек, според новата методологија може да бидат 100-300 денари пониски од актуелните, но нема да можат да го компензираат зимското поскапување.

Професорот од Машинскиот факултет Ристо Цицонков анализирајќи ги предложените блок – тарифи за одредување на цената на струјата посочува дека тие нема да ги решат бројните наталожени проблеми во енергетскиот сектор, туку колку-толку ќе ги испеглаат разликите.
– Граѓаните секако дека ќе треба да се навикнат на штедење на енергентите вклучително и струјата. Има повеќе начини како да се штеди, од оние бесплатните кои подразбираат внимавање на електричното броило односно рационално користење на струјата во зимските и летните месеци до оние поскапите кои се од типот на термоизолациона фасада на објектите, нови прозорци и инвертор пумпи за затоплување – посочува Цицонков. Според него во зависност од домашниот буџет граѓаните ќе треба да внимаваат односно да вложуваат во термоизолцијата на своите домови за да има поголема заштеда на енергијата.

Од друга страна професорот Константин Димитров ја поздравува одлуката владата за олеснување на постапките за добивање одобренија и за инсталирање на фотоволтаични системи на покривите на домаќинствата и на индустриските објекти.
– Новата одлука ќе овозможи секое домаќинство, мал потрошувач и буџетски корисник да склучи договор за снабдување и предавање на вишокот на произведена електрична енергија со кој било снабдувач со електрична енергија, вклучително и со универзалниот снабдувач. Тоа досега не беше возможно, односно ако едно домаќинство кое се снабдуваше од универзалниот снабдувач сакаше да стане потрошувач-производител мораше да го раскине договорот со универзалниот снабдувач и да склучи договор со друг снабдувач. Овие нови регуативи ќе им го олесни животот на граѓаните и во исто врем намали сметките на граѓаните доколку тие се одлучат да монтираат сончеви колектори и фотоволтаици на своите кровови – посочува Димитров.