
„Слободен печат“ дознава: Голема инспекција во Институтот за јавно здравје, поради административци што не полагале испит
Државниот управен инспекторат во моментов спроведува голем вонреден инспекциски надзор во Институтот за јавно здравје, дознава „Слободен печат“ од свои доброупатени извори во ИЈЗ. Инспекторите добиле дојава дека во Институтот за јавно здравје вработените во одделот за администрација се вработувале наводно противзаконски, без да се почитуваат одредбите од Законот за администрација.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Државниот управен инспекторат според нашите сознанија постапува по анонимна пријава до нив во која било наведено дека Институтот бил третиран како приватна фирма од страна на претходни раководни структури. Според наводите од пријавата кои ги потврдува Државниот управен инспекторат, огласите за административните службеници биле пуштани само во дневниот печат, а потоа не се вршеле ниту испити за административните службеници ниту селекција.
Управниот инспекторат ќе треба да утврди и дали се вистинити наводите во пријавата, дека „вработени добивале раководен коефициент“ односно дека „вработените добивале коефициенти кои не соодветствуваат за тоа работно место за кое биле претходно незаконски вработени“. Во пријавата се наведува и дека со години административните работници во ИЈЗ не биле оценувани ниту годишно ниту полугодишно.