Фото: mia.mk

„Слободен печат“ дојде до обвинението за спортските ваучери: Раичевиќ обвинува 12 лица за штета од 5 милиони евра

„Слободен печат“ открива што содржи обвинителниот предлог за наводни малверзации со спортските ваучери и кои спортски клубови и федерации од Македонија се нашле во него, не како обвинети – туку како корисници на парите. За македонскиот спорт ова е прв судски случај од вакви размери, каде Обвинителството обвинува за штета од 5 милиони евра.

Судскиот процес кој е на самиот почеток ќе открие дали обвинителката Лидија Раичевиќ ќе ги докаже пред скопскиот Кривичен суд наводите од обвинителниот предлог против двајцата поранешни директори на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски и Наумче Мојсовски, кои се обвинети за злоупотреба на службената положба, или пак тие ќе ја докажат својата невиност.

Обвинителниот предлог е насочен и против членовите на централната комисија формирана при Агенцијата за млади и спорт. За оваа комисија Обвинителството и Одбраната имаат различно толкување за тоа каква била нивната улога. Обвинителството тврди дека тие вршеле надзор над апликациите од спортските клубови, федерации и спортисти, а одбраната на членовите на комисијата вели дека тие немале никаква улога во бодувањето на клубовите, туку бодовите ги добивале однапред и само ги проследувале на понатамошно постапување.

Дел од обвинетите категорично негираат вина и велат дека процесот против нив е политички, а претседателот на Македонски олимписки комитет Даниел Димевски, кој е исто така меѓу обвинетите за времето кога бил претседател на централната комисија, поднесе кривична пријава против обвинителката Раичевиќ, која го застапува обвинението против него. Според Димевски, централната комисија на која тој бил прв претседател не е надзорен орган и нема овластувања да врши надзор.

-Меѓутоа, обвинителката свесно направи параван, магла, па наместо да се гони тоа што треба – се гони нешто сосема друго, со цел да се скрие вистинскиот криминал. Заврши времето на недопирливите во оваа држава, вклучително и обвинителите.

Време е системот сериозно да се позанимава и да не дозволи вакви авантуристички, несериозни обвинители да прават штета во сите општествени сегменти, вклучително и во спортот. Зборувам и во име на многу спортисти и субјекти што се засегнати. Ќе инсистирам до крај да се расчисти оваа работа – рече Димевски.

Обвинителката Раичевиќ со индигнација ја отфрли оваа пријава и напомена дека таа е обвинител во име на државата и во име на институцијата Јавно обвинителство. Штетата во обвинението, како што истакна таа, е 5 милиони евра, износ што во судница очекува да го потврди и вешто лице.

-Замислете што ќе се случи ако сите обвинети им поднесуваат кривични пријави на обвинителите. Секој што е чесен и доблесен, секој што има одговорност, интелектуален капацитет, треба да почека дека ако има докази дека е сторено кривично дело, судот тоа ќе го докаже. А дали мојот начин на работење е според законот, следи и јавноста и Обвинителството кое го застапувам.

Јас не обвинувам сама, зад мене стои институцијата. Така што, ваков фронтален напад од страна на обвинетиот, го отфрлам и сметам дека треба да се преземат мерки во иднина да нема вакви настани. Затоа што, ќе дојдете во ситуација да нема обвинители кои ќе поднесуваат смели и храбри обвиненија – рече обвинителката Раичевиќ.

Работата се помрдна накај истрага, откако Антикорупциската комисија до Обвинителството достави иницијатива поради сомнежи дека ваучерите во спортот наводно се доделувале надвор од критериумите.

– Не почитувајќи ги критериумите за доделување средства по ваучер-системот, постојат сомнежи дека Централната комисија во континуитет од 2020 година досега врши незаконска распределба, односно доделување ваучери на повластени корисници, федерации и клубови, согласно интересот на поединци и групи, можеби и политички партии и ги ставиле во неповолна положба оние спортски субјекти кои не добиле соодветни средства, иако тоа право законски им припаѓало –  изјави на почетокот на 2023 година еден од тогашните членови на Антикорупциска, Владимир Георгиев.

Кои се клубовите корисници на ваучерите за кои Обвинителството тврди дека добиле пари со спорна постапка?

 

„Слободен печат“ дојде до обвинителниот предлог за овој предмет. Таму двајцата ексдиректори на Агенцијата за млади и спорт се товарат дека наводно не ја извршиле својата службена должност со намера на друг да му нанесат штета. Суштината на обвинението е дека имало клубови, спортисти и федерации кои заслужувале и според критериумите требало да добијат државни пари – а не добиле, затоа што други, наводно надвор од критериумите ги инкасирале средствата.

Обвинети се и членовите на централната комисија и тоа дека наводно не извршиле евалуација и проверка на предлог-листите на национални федерации, спортски клубови и активни спортисти.

Адвокатот Владимир Туфегџиќ кој застапува тројца членови на Централната комисија, за „Слободен печат“ вели дека обвинението против нив е во целост неосновано.

-Ова е од причина што тие постапувале како административно-технички орган за проверка на комплетноста на документацијата која била доставена од националните спортски федерации, а потоа ги проследувала до Советот за спорт.

Овие луѓе немале никакви овластувања за бодување и вреднување на бодовите ниту имале било каква можност да предизвикаат штета по буџетот што е утврдено и со материјално-финансиско вештачење на одбраната.

Овие лица и да сакале не можеле да го сторат кривичното дело кое им се става на товар бидејќи бодовното салдо и апликациите ги изработувала и утврдувала тричлена комисија на националните спортски федерации и во таа смисла немало никаква можност ниту имале овластување да ја менуваат содржината на доставените апликации во смисла на менување на бодовите или нивно вреднување.

Јавниот обвинител не е во функција да поднесува храбри и смели обвиненија само за да се предизвика интерес во јавноста и да има за што да се пишува, туку издржани обвиненија засновани на цврсти докази што во овој предмет не е случај. Во минатото бевме сведоци на спектакуларни обвиненија и сите знаеме како завршија токму поради ставањето акцент на театралноста за да се предизвика какво-такво внимание и напуштање на основниот принцип на законитост и издржаност на доказите, вели Туфегџиќ за „Слободен печат“.

Обвинителката Лидија Раичевиќ во воведниот говор на судењето кое почна пред 10 дена, најави дека обвинението ќе го докажува со многу материјални докази, вештачење но и сведоци.

 

Според обвинителниот предлог, во 2020 година на спортскиот клуб ФК „Струга Трим Лум АД“ му бил одобрен ваучер на износ од 4 милиони и 900 илјади денари и покрај тоа што немал решение за вршење дејност спорт издадено на датумот кој самиот клуб го навел – 16 јануари 2020 година. Решението за вршење дејност спорт според Обвинителството било издадено еден ден подоцна.

Спортскиот клуб ФК „Питу Гули“ од Прилеп иако имал само 40 бода, добил ваучер од 1 милион и 100 илјади денари, додека клуб со повеќе бодови, односно 70 бодови, добил ваучер со половина од таа сума – 550 илјади денари.

Обвинителството наведува и дека спортскиот клуб ФК „Шкендија“ од Тетово во барањето за ваучер навело дека има 250 деца без да достави доказ за тоа а имал 193 бода и добил ваучер од 11 милиони и 700 илјади денари. Женскиот фудбалски клуб „Каменица Саса“ добил ваучер од 1 милион и 100 илјади денари, а имал 175 бодови.

Други клубови, наведува Обвинителството, кои имале помалку бодови добиле ист износ на ваучер. Според Обвинителството, не бил извршен надзор над критериумот за рамноправно рангирање и не бил исполнет условот клубот да има два физиотерапевти.

Понатаму, во обвинителниот предлог се наведува дека спортскиот клуб „Кожуф“ од Гевгелија добил ваучер од 2 милиони и 400 илјади денари со 70 бода во апликацијата за разлика од спортскиот клуб ГФК од Кочани кој имал добиено ваучер од 1 милион и 600 илјади денари со ит број на бодови – 70.

Спортскиот клуб „Тиверија“ од Струмица, наведува Обвинителството, добил 190 бода и ваучер од 1 милион 500 илјади денари без исполнет критериум „медиумска застапеност на сениорската екипа“.

Спортскиот клуб „Македонија Ѓорче Петров 1932 АД“ добил 175 бода по ваучер на износ од 7 милиони 900 илјади денари, а спортскиот клуб „Академија Пандев АД Струмица“ исто така со 175 бода, добил повисок износ – 9 милиони 800 илјади денари. Според обвинителниот предлог, погрешно бил внесен збирот за 249 спортисти наместо 239 колку што клубот имал реално.

Понатаму во обвинителниот предлог се наведува дека спортскиот клуб „ГФК Лихнидос Охрид“ добил 53 бода по ваучер на износ од 1 милион 300 илјади денари без да се изврши проверка во барањето затоа што го немало делот со број шест од барањето.

Спортскиот клуб ФК „Беласица АД Струмица“ добил 40 бода и ваучер од 1 милион и 900 илјади денари иако имал реално 35 бода, тврди ОЈО, а решението за дејност спорт им било со истиот датум кога аплицирале за ваучер.

Националната џудо-федерација, пишува во обвинителниот предлог, добила ваучер од 2 милиони 310 илјади денари врз основа на пресметани 240 бода додека вкупниот збир на бодови во барањето бил 632. Националната федерација за боречки вештини добила ваучер на износ од 2 милиони 517 илјади денари без подетално утврдени бодови, за збир на мажи кој бил наведен дека е 28, а реалниот збир според Обвинителството бил 84.

Националната скијачка федерација добила ваучер на износ од 2 милиони 51 илјади денари и тоа без одреден број на бодови. Националната кајакарска федерација на Македонија добила ваучер од 2 милиони 207 илјади денари, а Обвинителството тврди дека тоа било направено со погрешно утврден број бодови – наместо 190, наводно требало да бидат пресметани само 160 бодови.

Македонската стрелачка федерација добила ваучер на износ од 1 милион 947 илјади денари без утврден критериум за човечки ресурси, специјалната олимпијада на Република Северна Македонија добила ваучер на износ од 1 милион 400 илјади денари без да наведе бодови во барањето и без точно утврден број на активни спортисти, пишува во обвинителниот предлог.

Спортскиот клуб „Шкупи“ од Скопје добил ваучер од 2 милиони 400 илјади денари со погрешен податок во барањето каде навел дека има 140 мажи иако реалниот збир според ОЈО бил 156, а во делот на жените, немало 16 туку 17 жени.

Во предлогот на ОЈО се наведува и Кошаркарската федерација на РСМ која добила ваучер од 16 милиони 615 илјади денари наводно без избрани бодови, спортскиот клуб „Гостивар 2009“ кое наводно немало комплетно барање за доделување на ваучер, односно на него немало датум, подетално утврден број на бодови, ниту потпис, а добиле 1 милион и 200 илјади денари.

За кошаркарскиот клуб „Крива Паланка“ пишува дека добил ваучер од 1 милион 600 илјади денари без комплетно барање, без потпис, а за кошаркарскиот клуб „Работнички АД Скопје“ пишува дека ваучерот бил на износ од 13 милиони 900 илјади денари без датум на барањето, без поединечен и вкупен број на бодови и без потпис.

За женскиот кошаркарски клуб „Бадел 1862“ во обвинителниот предлог пишува дека наводно добиле ваучер од 2,5 милиони денари без датум на барањето, без поединечен и вкупен број на бодови и без потпис, како и без почитување на критериумите за човечки ресурси во делот на спортските психолози.

За кошаркарскиот клуб „Куманово 2009“, имало ваучер од 11 милиони 900 илјади денари без вкупен број и поединечен број на бодови што е услов за добивање на решение за дејност спорт. За КК „Ангели“ Скопје во предлогот на Обвинителството се вели дека ваучерот што го добиле бил од 1 милион и 700 илјади денари без бодови и без потписи во барањето.

Спортскиот клуб КК МЗТ Аеродром Скопје без вкупно човечки ресурси, без потписи добил ваучер на износ од 4 милиони 900 илјади денари, кошаркарскиот клуб „Пелистер“ АД Битола добил ваучер од 7 милиони 900 илјади денари без потписи, поединечен број бодови и вкупен број бодови. МЗТ Аеродром Скопје добиле ваучер од 15 милиони 800 илјади денари без бодови и без потписи од никого, пишува во обвинителниот предлог.

Кошаркарскиот клуб „Гостивар“ добил ваучер од 9,9 милиони денари без бодови и потписи од никого, а кај овој клуб се забележува дека со вкупно 98 бодови добил повисок износ од МЗТ Аеродром кој исто така имал 98 бода а добил половина од сумата на КК „Гостивар“, односно 4,9 милиони. Имало клуб од Гостивар со 95 бода кој добил 1 милион и 200 илјади денари, а клубот „Куманово“ со 95 бода добил 11 милиони 900 илјади денари.

Споменати се и наводни неправилности при евалуацијата на апликациите на карате-федерацијата, националната шаховска федерација, боксерската федерација, националната пинг-понг федерација, ракометната федерација која добила ваучер од 22 милиони 835 илјади денари а според обвинителството, тоа било без бодови.

Пишува и дека „националната одбојкарска федерација добила ваучер од 11 милиони 800 илјади денари без вкупен број на бодови да биден наведен а во делот на спортски психолози пишувало 0, а збирот бил 1“.

Судењето продолжува на 19 септември со изведување на докази на Обвинителството.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот