
Слика стара 300 години вратена во музеј во Минхен: Ја присвоил американски војник во Втората светска војна
Исчезнатата слика „Пејзаж со италијански карактер“ на австрискиот сликар Јохан Франц Непомук Лаутерер е претставена на церемонија во Генералниот конзулат на Германија во Чикаго, соопшти американското Федерално истражно биро (ФБИ), објави „Еј-би-си њуз“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
„Арт рикавери“, компанија која пронаоѓа украдени уметнички дела, пронашла слика која била украдена за време на Втората светска војна во Германија.
Сликата била донесена во САД од американски војник по завршувањето на војната, а останала во сопственост на еден од неговите роднини во Чикаго. Во 1945 година, сликата била украдена од Баварската државна колекција на слики во Минхен. Информациите за исчезнувањето биле внесени во базата на податоци на германската фондација за изгубена уметност во 2012 година, се наведува во соопштението на „Арт рикавери“.
„Суштината на нашата работа е истражување и враќање на уметничките дела ограбени од нацистите од јавни или приватни колекции. Исто така, се претпоставува дека војниците на сојузниците можеби ги однеле вредните предмети дома како сувенири или воени трофеи“, изјавил Кристофер Маринело, основач на компанијата.
Лицето кое ја поседувало сликата останало анонимно кога ја контактирало компанијата и побарало да биде парично наградено.
„Ја објаснив нашата политика на работење, односно дека не плаќаме за украдени уметнички дела и дека барањето е несоодветно. Знаеме и дека некој се обидел да ја продаде сликата на уметничкиот пазар во Чикаго во 2011 година“, рекол Маринело.
„Сликата со наслов ‘Пејзаж со италијански карактер’ сега повторно ќе се обедини со друга слика која споделува слични мотиви“, соопштија од музејот „Стара пинакотека“.
Двете слики заедно формираат панорамска сцена на овчари и патници со нивните кози, крави, магариња и овци на брод во река. Уметничката двојка наскоро ќе биде изложена заедно за првпат по Втората светска војна во Минхен, рече Бернд Еберт, главен кустос за холандско и германско барокно сликарство во музејот.
Враќањето на одамна изгубената слика е важен момент за нив, велат од музејот: „Тоа е всушност многу редок момент, возбудлив. Лаутерер, уметник роден во Виена, живеел од 1700 до 1733 година. Кога избувна војната во 1939 година, многу баварски музејски збирки беа евакуирани на безбедни локации во регионот, но сликата на Лаутерер исчезна на почетокот на војната, што укажува на можноста дека е украдена“.
Баварската државна колекција слики првпат почна да ја бара сликата помеѓу 1965 и 1973 година, но неколку децении подоцна се појавија индиции за можната локација на сликата.
Бернд Еберт полета од Минхен во Чикаго за да го врати уметничкото дело во музејот, каде што ќе биде реставрирана.