
Следната недела први резултати од мерењата на квалитетот на воздухот во Трубарево
Првичните резултати од мерните станици за квалитетот на воздухот во скопско Трубарево ќе бидат готови за седум дена, информираа од лабораторијата АМБИКОН при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, која вчера постави два уреди во близина на местото на пожарот во Трубарево.
Препорачано
Како што изјави ректорот на УГД и раководител на лабораторијата, проф. Дејан Мираковски, уредите континуирано ќе собираат проби од честички во следните пет дена, а потоа тие ќе бидат детално анализирани.
„Ќе се анализираат 32 елементи, меѓу кои никел, кадмиум, арсен, олово и жива, како и хемискиот состав на честичките – нитрати, сулфати, амониум, хлор, калиум и елементарен јаглерод. Тој сет на анализи ќе овозможи прецизна процена на квалитетот на воздухот во наредните денови“, изјави Мираковски.
ВИДЕО | Ангелов: Пожарот во Трубарево е изгаснат, депонијата „Дрисла“ речиси целосно затрупана
Тој објасни дека во моментов не може да се одреди зоната на дисперзија на честичките кои се ослободиле при пожарот, бидејќи тоа зависи од видот и количината на изгорениот материјал, како и од временските услови. Дополнителна неизвесност создава и фактот дека сè уште нема точни информации за тоа што точно имало во складот.
„Со согорувањето на литиумските батерии и пластиката се ослободуваат гасови и честички, од кои дел се трајни органски загадувачи. Може да се направи проценка преку реверзибилно моделирање или со земање примероци од околината, но во моментов не може да се зборува за екстремно голема зона на хемиски ризик“, додаде Мираковски.
Покрај анализата на воздухот, предвидени се и испитувања на водата и почвата во регионот, по што ќе биде познато дали е потребна дополнителна санација или чистење на евентуално контаминираната површина.