
Скулптури на Жарко Башески се изложени во МАНУ
Македонскиот скулптор и професор на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, Жарко Башески, со самостојна изложба е претставен во ликовната галерија на МАНУ.
Препорачано
Скулптурите на Жарко Башески што се изложени на изложбата во МАНУ потекнуваат од неколку творечки циклуси. Публиката има можност да погледне постари дела кои претходно не биле изложувани во Македонија, вклучително и скулптури изложувани во Њујорк, Франција, Италија, Холандија, Шпанија, Мексико, како и сосема нови, претходно неизложувани дела. Изложбата вбројува скулптури изработени во мермер, полиестер и силикон.
Куратор на изложбата е Натали Рајчиновска Павлеска, а на отворањето на изложбата на 15 септември беше прочитан обемен текст за творештвото на Башески од професорот Венко Андоновски. На отворањето на изложбата се обратија и академик Љупчо Коцарев и академик Влада Урошевиќ.
– Скулптурите на нашиот гениј се автогносеологија. Тие се и синестезија. И најчудно – бидејќи се хиперреалистични, тие се симболизам! Да се сетиме дека дури и симболистите тврдеа дека нивните надреални светови се „реализам“, повисок реализам од самиот „обичен“ реализам кој ја имитира емпириската стварност. Тоа го тврдеа и надреалистите – нивната „повисока реалност“ ја сметаа за вистинска стварност, а својата уметност за вистински реализам. Во таа смисла „хиперреализмот“ на Башески е толку надреален (затоа што е „повистинит од стварноста“) што може да се каже: Башески е и реалист, и симболист, и надреалист, дури и симулакрум уметник. Заеднички именител, крикот на неговите скулптури е највисокото начело на филозофијата: КРИК ПО ВИСТИНАТА, која е толку умножена денес што станува – лага… – меѓу другото, напиша Венко Андоновски.

Гледиштето на Башески во творештвото е свртено кон човечкото, па оттука и интересот за хиперреалистичен пристап во обликувањето на концептот на делото, кој во теоретската проекција го надминува хиперреализмот, зборува за животот и светот во кој живееме.
– Фигурите на Башески се смирени, имобилизирани, постојани и присутни, најавуваат враќање на тактилното – како една можна длабочина на искуството. Сето ова покажува постепено поместување на сетилното, проширување на перцептивното поле подалеку од видливото – можеби кон спознајното. Тие се себеоткриваат како проективност на надворешноста на битието во перцептивната стварност. Авторот умешно ја (ре)продуцира нивната хипостатичност, како хегелијанска претстава на динамичната целина, со тоа што го истакнува нивниот етос – како појдовна точка или како хоризонт за разбирање на рационалниот облик на човекот – заклучува кураторката Натали Рајчиновска Павлеска.

Во работата на Башески има неколку елементи кои се нови во светот на скулптурата и тоа го прави неговото најново дело различно: концептот, современите погледи на човековата состојба преку самонабљудување, техничкото производство и употреба на нови материјали (смола полиестер, полимермер, силикон, природна коса), хиперреалистичниот третман, големината на делото, филозофскиот пристап – сето тоа, кога се комбинира во едно, нуди повеќеслојно читање на уметничкото дело.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 146, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 17-18 септември 2022)