
Скопскиот џез фестивал го објави мини-албумот „Нудист“ на „Пијан славеј“ како најново издание на „СЏФ Рекордс“
Во пресрет на 23. ОФФест (6-9 јуни), Скопскиот џез фестивал ќе го промовира најновото издание на „СЏФ Рекордс“ – „Нудист“, втората дискографска објава на „Пијан славеј“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
„Нудист“ е концептуален мини-албум, кој говори за сложената природа на човекот, за соочувањето со себе и, конечно, за немирот и тивкиот крик. Музиката и звукот се производ на здушниот напор на четворицата музичари кои низ овие впечатливи творби нудат пресек на индивидуалниот сензибилитет и светоглед во сегашната точка на дводецениското заедничко уметничко живеење.
Четирите песни од „Нудист“ се во срцето на пошироката концертна програма на бендот „Пијан Славеј“, насловена како „нова македонска шансона“. Вториот студиски проект на „Пијан Славеј“ се состои од четири композиции, во вкупно времетраење од 17 минути.
Автор на текстовите е Бранислав Николов, а музиката и аранжманите се дело на групата. Песните се снимени, миксани и продуцирани од Ивица Јанкуловски во скопското студио „Алшар“. Дизајнот на омотот е дело на уметникот Владимир Лукаш. Извршен продуцент на изданието е Оливер Белопета.
Промоцијата на изданието ќе се одржи на 1 јуни, во 13 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 233, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 1-2.6.2024)