
Скопје ЗОО: Нема простор за паника од туберкулоза, сите вработени беа тестирани и резултатите се негативни
По тврдењата на советникот во Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Стефан Кирков дека има туберколозата во зоолошката и таа била причина за смртта на европскиот бизон и други животни, од ЗОО Скопје денеска соопштија дека нема простор за паника бидејќи таа болест ја имало со децении и ризикот за посетителите да бидат заразени е многу низок и речиси невозможен.
Препорачано
„Преносот на туберкулоза од животни на луѓе е исклучително редок и најчесто бара долг и директен близок контакт со болни животни, нешто што е невозможно за обичните посетители. Вработените кои се во директен контакт со животните со години изминатиот период беа тестирани. Сите досегашни резултати се негативн , нема заразени лица меѓу персоналот.
Се преземаат строги ветеринарни и санитарни мерки и постојано се врши дезинфекција во живеалиштата. Секое сомнително или заболено животно е предмет на надзор, тестирање и соодветен третман согласно меѓународните стандарди, а поставени се и дез бариери кај живеалиштата“, се вели во соопштението на ЗОО Скопје.
Оттаму додаваат дека превентивно, во наредниот период ќе биде изолиран Бејби ЗОО и дека посетителите се движат по безбедни патеки и немаат близок контакт со животните.
„Контролата на здравјето на животните и на вработените е континуирана и под надзор на надлежните институции. Случаи на животинска туберкулоза се регистрирани и во други зоолошки градини низ светот, но тоа никогаш не резултирало со ризик за јавноста. ЗОО Скопје останува целосно посветена на заштита на здравјето на посетителите, добросостојбата на животните и транспарентност во информирањето“, додаваат од скопската Зоолошка градина.
ЗОО Скопје: Викендов угина лама болна од туберкулоза, болест за која нема лек
Претходно, Кирков пред неколку дена на Фејсбук обвини дека Зоолошката градина е „контаминирано подрачје од туберколоза и изрази сомнеж дека цели реони се зафатени, дека вработените се оставени сами на себе без никаква опрема соодветна на ваков тип на епидемија и оти се подложени на мобинг за да молчат за се што се случува внатре“.
„Апелирам, алармирам веднаш државните институции да направат вонреден инспекциски надзор и да постапат согласно протоколите кој ги налага ЕАЗА и Светската здравсгвена организација. Итна проверка на сите вработени да се тестираат како и земање брисеви од сите животни и живеалишта, доколку е потребно и времено затворање на оваа установа се додека не се процени дека е безбедна!“, напиша Кирков.
Од скопската зоолошка истакнаа дека ќе продолжат со редовно известување на јавноста и со соработката со сите надлежни институции за навремена превенција и контрола.