
Скопје се гуши во чад, партиите тераат кампања и меѓусебно се обвинуваат кој е виновен
Скопјани повеќе немаат време за чекање и лажни ветувања од ВМРО-ДПМНЕ“, порача претседателот на СДСМ Венко Филипче, кој денеска заедно со кандидатите за градоначалници на Аеродром и Гази Баба, Александар Трајановски и Влатко Митовски, изврши теренска посета на депонијата Вардариште, информираат со соопштение од СДСМ.
Препорачано
„Четири години неспособната локална власт на ВМРО-ДПМНЕ не успева да реши една дива депонија што шири зараза и смрт. Ова е врв на неработење, негрижа и криминална рамнодушност“, рече Филипче.
Филипче при теренската посета испорача сет конкретни решенија кои ќе се спроведат веднаш по преземањето на одговорноста во локалната власт:
Воведување механизација за покривање на отпадот со земја и глина, компактирање и затворање на жариштата за елиминирање на кислород и влага, систем за извлекување и согорување на метанот и формирање стручен штаб со експерти за управување со отпад.
„Мора службите на Град Скопје веднаш да добијат задачи за надминување на проблемот со горење на отпадот. Не може Советот на Градот да биде на страна, а скопјани да се гушат“, порача Филипче.
Тој потсети дека токму советничката група на СДСМ побарала итно свикување на седница за Вардариште, но ВМРО-ДПМНЕ молчи.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение ја обвини опозициската СДСМ за подметнување на чад и отров преку палењето на скопските депонии.
-Откако не им успеа подметнувањето на пожарите ова лето низ селата и градовите во Македонија, сега се одлучија за нов, последен очајнички потег: палење на депониите во Скопје со цел да предизвикаат страв, незадоволство и хаос меѓу граѓаните. Со тоа не само што прават тешко кривично дело, туку свесно го уништуваат и здравјето на скопјани, што е политичко безобразие од најекстремен вид – нагласува ВМРО-ДПМНЕ.
Партијата потсетува дека со години СДС и ДУИ управуваа со „Дрисла“ и „Вардариште“.
-Тие ги поставуваа директорите, тие водеа политики, тие ветуваа фабрика за селекција на отпад, зелена зона и чист воздух. Сè остана само на хартија. Единствено што оставија зад себе е смет, диви депонии и труење на луѓето. Спротивно на тоа, скопските градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ веќе четири години реализираат конкретни проекти за чистење и уредување на јавните површини, за воспоставување систем за селекција на отпад и за зајакнување на јавната хигиена. Владата во изминатата година започна процес на темелна ревизија на целата еколошка политика и подготви нови проекти за модернизација на „Дрисла“, за затворање на дивите депонии и за воспоставување европски стандарди за управување со отпад. Тоа е вистинската разлика меѓу криминалното наследство на СДС–ДУИ и одговорниот пристап на ВМРО-ДПМНЕ, нагласуваат од владејачката партија.
Од таму прашуваат зошто депониите горат токму пред локалните избори, како токму сега „Дрисла“ почна да загадува и да гори отпад и дали постои организирана структура зад ова?
-Затоа ВМРО-ДПМНЕ повикува Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство итно да спроведат темелна истрага за инволвираноста на овие структури во намерното палење на депониите. Денес, наместо да одговараат за националните порази и еколошките катастрофи што ги предизвикаа, тие повторно се обидуваат да ја запалат вистината и да го задушат Скопје. Граѓаните добро знаат: вистинската еколошка катастрофа се вика СДС–ДУИ – стои на крајот од соопштението на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.