Дизајнот на плакатот е на Апостол Тноковски и Небојша Гелевски

Скопје џез-фестивал 2024: Два чекора понапред – со ексклузивност!

Скопскиот џез-фестивал ги одбројува деновите до своето 43-то издание, кое ќе се одржи од 17 до 20 октомври во НОБ и МКЦ со ексклузивна и разновидна концертна програма.

Девет ексклузивни концерти, увертира со уметничка изложба на Роб Мазурек и документарен филм за Мајлс Дејвис, како и промоција на најновото издание на „СЏФ Рекордс“ се на програмата на 43. Скопје џез-фестивал.

Како дел од придружната програма на 12 октомври, во 20 часот, во „АудиоКултура“ ќе биде промовиран албумот „Рух“ на македонскиот бенд „Некст ту сајленс“, кои на фестивалот ќе настапат на 17 октомври во МКЦ.

Ексклузивна изложба на звучни принтови, слики, скулптури и инсталација на џез-музичарот Роб Мазурек ќе биде отворена на 16 октомври, во 19:30 часот, во галеријата на МКЦ. Како визуелен автор Мазурек ја експлоатира архитектурата на „звукот како визија и визијата како звук“ во функција на радикално поигрување со формата и чувството како канал кон нови правци на гледање и слушање. Неговите дела се однесуваат на преобразувањето на звукот во подвижни и неподвижни слики (звучни принтови).

Плакат за документарниот филм „Мајлс Дејвис: Бртх оф д кул“

Истата вечер во Кино „Фросина“, во 21 часот, ќе биде прикажан документарниот филм „Мајлс Дејвис: Бртх оф д кул“. Со досега необјавени архивски снимки, студиски раритети и ретки фотографии, филмот ја раскажува приказната за еден вистински уникатен талент и го разоткрива човекот зад трубата.

Ексклузивната концертна програма на фестивалот ќе се одржи од 17 до 20 октомври во НОБ и во МКЦ.

– Програмската концепција на џез-фестивалот и годинава ја следи својата успешна формула (заедно со придружниот дел), потврдена во подолг период: бескомпромисно да го презентира најдоброто од современиот џез и креативната музика, воопшто. Но, овој пат таа оди два чекора понапред – со својата ексклузивност! Имено, освен најдобрата џез-пејачка во последнава декада, Сесил Меклорин Салвант, која пристигнува кај нас за прв концерт на нејзината европска турнеја, сите други изведувачи, без исклучок, доаѓаат во Скопје за единствени концерти: Родриго Амадо „Бриџ“, „Ди Енд“, Дејвид Вирејес, Никол Мичел, Роб Мазурек со „Експлодинг стар оркестра“, Алабастер Деплум, „Фаја Оркестра“. Што е без сличен пример во Европа. Дури, на велелепните и долговечни „Експлодинг стар оркестра“ овдешниот концерт ќе им биде единствена светска промоција на нивниот штотуку излезен нов албум. На публиката ова и не мора да ѝ биде познато. На неодамнешната конференција на Европската џез-мрежа, моите европски колеги, мислам, пред сѐ, на оние кои ги работат најдобрите фестивали, не го криеја своето воодушевување од изборот и ваквата ексклузивност. Што лично не ме остава рамнодушен. Притоа ми рекоа: „оваа програма делува како да е правена за – последно издание“. Не го сфаќам ова како „прогноза“, се разбира, иако има многу елементи, не поттикнати од мене, кои наведуваат на такво нешто – посочува Оливер Белопета, уметнички директор на фестивалот.

Сесил Меклорин Салвант

Фестивалот ќе биде отворен на 17 октомври во НОБ со концерт на Сесил Меклорин Салвант. Таа е композиторка, пејачка и визуелна уметница позната по својот специфичен пристап кон музиката, комбинирајќи елементи од џез, блуз, фолк, како и од театарската и барокната традиција. Опишана од Џеси Норман како „уникатен глас поткрепен со интелигенција и апсолутна музикалност“, Салвант се прослави со својата способност да откопува заборавени песни, оживувајќи ги со силни наративи, неочекувани пресврти и богата емоционална длабочина. Истата вечер во МКЦ македонската група „Некст ту сајленс“ концертно ќе го промовира својот втор албум со наслов „Рух“.

Втората вечер, на 18 октомври во НОБ, ќе биде исполнета со настапите на Родриго Амадо со квартетот „Бриџ“ и „Ди Енд“. Познат како еден од најзначајните европски импровизатори во моментов, португалскиот саксофонист Родриго Амадо е мајстор на инструментот со беспрекорна техника и фасцинантна експресивност, кој со задоволство ја прифаќа сета слобода што му ја дозволуваат фри-џезот и импровизираната музика. „Ди Енд“ е експериментална музичка група којашто се појави во 2018 година, обединувајќи експлозивна екипа таленти од Норвешка, Шведска и Австрија. Нивните концерти се познати по способноста да создаваат нови асоцијации во умот на слушателот, сплотувајќи ги жестоките рок-рифови, природната убавина на фолкот и дивите фантазии на џезот во едно кохерентно, но непредвидливо музичко искуство.

Најдолга ќе биде третата вечер, на 19 октомври со три концерти. Њујоршкиот пијанист и композитор Давид Вирејес пораснал во Сантијаго де Куба, во музичко семејство задоено со музиката на афро-карипската дијаспора и западната класична музика. Во 2001 година, на покана на Џејн Банет, се сели во Торонто, Канада, каде што дипломирал на колеџот Хамбер, во кој подоцна и предавал. По преселбата во САД во 2009 година, Давид органски ги соединува кубанскиот фолклорен и њујоршкиот импровизаторски свет.

Роб Мазурек

Роб Мазурек со „Експлодинг стар оркестра“ премиерно ќе го претстави својот најнов албум. Роб Мазурек е композитор, трубач, музички директор, визуелен уметник, апстрактивист и современа музичка икона на чикашката авангардна сцена од 1990-тите години. Во 2005 го оформи генијалниот „Експлодинг стар оркестра“. Со овој проект, Мазурек создаде медиум што поседува капацитет да опфати различни стилови и идеологии од широкиот опсег на слободни форми на изразување, како и да ги истражи најавангардните трендови на сцената.

Истата вечер во МКЦ ќе настапи Алабастер ДеПлум (родено име: Гас Ферберн), кој ги обединува џезот и перформативната поезија во една оригинална и општествено свесна уметничка форма.

Последната вечер на фестивалот, на 20 октомври во НОБ, е резервирана за Никол Мичел и Марк Сандерс. Никол Мичел е многупати наградувана креативна флејтистка, концептуалист, композитор, лидер на бенд и едукатор, додека Марк Сандерс е тапанар/перкусионист со британско-белизеско потекло, препознатлив по активното музицирање во сферата на фри-џезот и слободната импровизација.

„Фаја Оркестра“

Големото финале на фестивалот ќе биде настапот на „Фаја оркестра“. Идејната творба на шведските музичари Матс Густафсон (саксофон), Јохан Бертлинг (бас) и Андреас Верлин (тапани) низ годините прерасна во опасен колектив што им пркоси на конвенционалните жанровски граници, развивајќи свеж пристап кон импровизираната музика со влијанија од фри-џез, психоделичeн рок, пост-боп, ноиз, краутрок и даб-музиката. Секој настап на оркестарот ги редефинира можностите на модерната музика, зацврстувајќи го нивниот статус на еден од најиновативните и највозбудливите ансамбли на сцената и клучна движечка сила во еволуцијата на современата музика.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 251, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 10-13.10.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот