
Скопјани сакаат да дискутираат за ГУП-от, но не среде лето и во работно време
Град Скопје се пожали на слабиот одзив на граѓаните на јавните дискутии, по што го скуси времето предвидено за дискусии од четири дена за општина Ѓорче Петров на по два часа за Карпош и Сарај – сите во работно време.
Град Скопје минатата недела организираше јавни дискусии со граѓани во врска со изработката на новиот Генерален урбанистички план на град Скопје со кој ќе се опфати планирањето во главниот град во периодот од 2022-2032 година. Четири дена им беа посветени на жителите на Ѓорче Петров со кои се дискутираше за секоја градска четврт посебно, а потоа во петокот беа опфатени граѓаните од две општини, од Карпош и Сарај, на кои им се посветија само по два часа и тоа во ист ден.
Препорачано
На прашањето до Град Скопје зошто ја сменија „тактиката“ за средбите и зошто го скусија времето посветено за дискусија, оттаму велат поради слабиот одзив на ѓорчепетровци.
Јавната дискусија започна со просторот на Општина Ѓорче Петров на 11.08.2025 година за секоја градска четврт посебно. Беше планирано за секоја општина да се издвои по една недела за јавна дискусија, но интересот и одзивот од граѓаните на Општина Ѓорче Петров не беше голем. За останатите општини се организира јавна дискусија за територијата на целата општина. Очекуваме поголемо присуство на граѓаните на овој начин при што повторно ќе се организираат за потврдување на предлозите – објаснуваат од Град Скопје.

Генералниот урбанистички план е план кој се подготвува во сложена законска процедура и со вклученост на стручни лица и институции. Со оглед дека најголемиот дел граѓани не се стручни во таа област, нејасно е за што ќе служат предлозите и забелешките кои можат да ги доставуваат граѓаните и дали тие реално ќе се земаат предвид.
Предлозите и забелешките од граѓаните ќе бидат систематизирани и доставени до изработувачот на ГУП – от план за стручна анализа, пред да се пристапи кон планирање – тврдат од Градот.
Но, оттаму не одговорија на прашањето зошто овие јавни дискусии се закажуваат во работно време. Со оглед дека луѓето во тоа време се на работа, па не може секој колку и да е заинтересиран да отсуствува два часа од работното место, требаше да се очекува дека присуството на граѓаните нема да биде големо. Згора на тоа, дискусиите се организираат среде лето, во екот на летните одмори.
Град Скопје ги повикува жителите на Карпош и Сарај на јавна дискусија за новиот ГУП
Токму на ова, меѓу другото, реагираа независните граѓански иницијативи.
Овој ГУП треба да го развива Скопје цели 10 години и за него ЗХГ со години бара сеопфатни консултации со скопјани. Бараме повторување на процедурата со најава од најмалку 10 дена, вон работно време, во септември. Сè друго е само „штиклирање“ обврски и тешење дека сме си го завршиле своето – реагираат од „Зелен хуман град“.
Овие презентации и дискусии треба да бидат со видео пренос, со дебати со граѓани и со стручна фела, сметаат граѓанските иницијативи.
Велосипедистите од „На точак“ потсетуваат дека ГУП-от е документ од најголема важност за развојот на градот. Во него се дефинира за колку жители има капацитет градот, со колкави густини и максимални катности ќе се гради, колку и каде има потреба од јавни институции, колку и каде треба да има паркови, колку широки ќе се булеварите и со каков состав, каква ќе биде велосипедската мрежа и каков ќе биде основниот сообраќаен систем на градот, меѓу другите битни теми.
Во врска со тоа што од Град Скопје се жалат дека на јавните дискусии учествувале мал број граѓани и дека тие што учествувале во овие дискусии се интересирале само за своите парцели, а не за јавниот простор, велосипедистите сугерираат неколку предлози.Меѓу останатото, тие велат дека треба да има едуциран модератор кој ќе ја насочува дискусијата, да се повикаат стручни лица од соодветната област за да дадат тежина на дискусијата, да ги направат презентациите приемчиви, разбирливи, визуелни, па дури и интересни за граѓаните и друго.
Град Скопје организира јавна дискусија со граѓаните од Ѓорче Петров за новиот ГУП
Досега од Град Скопје не информираа како се одвивале досегашните јавни дискусии, какви предлози, ниту какви забелешки давале граѓаните.
По дискусијата со граѓаните на Карпош, за тоа што се случувало таму објаснија од „Борба за Влае“. Тие го пофалија Градот, пред сѐ Секторот за планирање и уредување на просторот за вклучувањето на јавноста во овој процес.
Според нив на дискусијата присуствувале 50-тина жители на Карпош кои ги презентирале своите проблеми, мислења и забелешки. Дел од нив, како што велат од граѓанската иницијатива, биле за јавното зеленило, државното земјиште кое се дава за приватни градби, за велосипедските и пешачките патеки, за паркингот на јавен простор, игралиштата итн.
Во наредните денови ќе се вршат дискусиите за останатите општини, за што e пратено известување до медиумите. Бевме известени дека ако некој жител не можел да присуствува на дискусијата за неговата општина може да присуствува на некоја наредна дискусија и да ги постави прашањата по завршетокот на истата – велат од „Борба за Влае“
Оттаму сметаат дека Влае е оштетено од непостоењето на ДУП за Влае 1 и од Регулацискиот план Влае 2, донесен на основа на стариот ГУП, па затоа што побрзото и поквалитетното донесување на новиот ГУП ќе биде во интерес на граѓаните.
Редок пример на отвореност е поканата граѓаните да дадат свои мислења во текот на процесот на планирање. Да покажеме дека сме одговорни граѓани кои се тука да соработуваат и да спречат, наместо да се жалат и да мораат да ги трпат одлуките кои се донесени против нивен интерес – велат граѓани од Влае.