
Сите зборуваат за нив, но нивната дефиниција сè уште е нејасна: Што се всушност ВИ-агентите?
Една од најважните области на развојот на вештачката интелигенција се ВИ-агентите, но дефиницијата за тоа што всушност се тие сè уште е нејасна. И покрај ова, нивната цел е прилично едноставна: тоа е софтвер кој користи вештачка интелигенција за автоматизирање на задачите што некогаш ги извршувале луѓето – од поддршка на корисниците, до ИТ-помош или административни задачи.
Препорачано
На пример, компаниите како „Гугл“ и „Перплексити“ веќе ги воведоа ВИ-агентите кои можат да вршат сложени задачи како што се наоѓање летови, пазарење или помагање при планирањето на празничните подароци. Сепак, и покрај брзиот развој, не постои консензус меѓу технолошките гиганти и експертите за тоа како точно да се дефинираат овие агенти и нивните способности.
Што се ВИ-агентите?
На најосновно ниво ВИ-агентите може да се опишат како интелигентени системи дизајнирани за да ја истражуваат својата околина, да донесуваат одлуки и да преземаат акции за постигнување одредени цели – а сето тоа го прават автономно. Како што објаснува Рудина Сесери, основач на „Гласвинг Венчурс“,ВИ-агентите користат различни технологии, вклучително и обработка на природен јазик, машинско учење и компјутерска визија, за да функционираат во динамични средини.
И покрај напредокот на нивниот развој, постои значителна разновидност во користењето на овој софтвер. На пример, „Гугл“ ги гледа ВИ-агентите како асистенти специфични за одредени задачи, како што се помагање на програмерите со кодирање или на маркетинг агентите при креирањето визуелни шеми. „Стартап Сиера“, од друга страна, ги гледа како алатки за подобрување на корисничкото искуство и тие решаваат посложени проблеми од класичните чет-ботови некогаш.
Иако визијата за автономни ВИ-агенти е привлечна, индустријата има уште многу работа за да ја направи реалност. Според Арон Леви, ко-основач и извршен директор на „Бокс“, клучот за развој на помоќни агенти лежи во комбинацијата на технолошки напредок – од ефикасноста на моделот, до квалитетот на инфраструктурата. Сепак, напредокот не е секогаш линеарен.
Пионерот во роботиката Родни Брукс предупредува дека луѓето често ги преценуваат можностите на системите за вештачка интелигенција. Според него, иако тие можат да се истакнат во одредени задачи, нивната способност да се прилагодат на слични, но сепак различни предизвици честопати е ограничена.
Фред Хавмајер, раководителот на истражувањето за вештачка интелигенција во „Macquarie US Equity Research“, верува дека идните ВИ-агенти би можеле да користат комбинација од различни модели. Тие би можеле да работат како тим и „лидерот“ би ги насочувал задачите според најдобриот достапен модел.
„Иако сè уште сме далеку од тоа, крајната цел е да создадеме агенти кои можат целосно автономно да размислуваат за чекорите потребни за постигнување (апстрактни) цели“, вели Хавмајер.