фото: Слободен печат, Протести пред владата за поддршка на Палестина

„Сите за Палестина“ со писмо до Сиљановска-Давкова: „Како може да спиете мирно?“

„За каков мир, правда и напредок на здрава планета зборуваме, кога Македонија ни симболички нема изразено солидарност и поддршка со народ кој трпи геноцид, кој целиот свет го следи преку малите екрани? Како може да спиете мирно продолжувајќи ја економската и политичката соработка со геноциден ентитет како што е Израел?“ пишува во писмото.

Иницијативата „Сите за Палестина“ испрати писмо до претседателката Гордана Сиљановска Давкова непосредно пред почетокот на Генералната дебата во рамки на 80-то Генерално собрание на Обединетите нации (ОН). Во писмото тие ја потсетуваат претседателката дека во ОН гласот на Македонија како земја членка треба да го застапува гласот на граѓаните, а не економските и политичките интереси на поединци.

Тие исто така побараа Македонија јавно и веднаш да го осуди геноцидот врз палестинскиот народ и да ја признае Палестина, итно да се побара запирање на огнот и влез на хуманитарна помош во Газа што не е дистрибуирана од Израел, Македонија да почне да гласа ЗА солидарност со палестинскиот народ на сите понатамошни гласања на ОН, да се воведат санкции кон Израел, да престанеме да го признаваме Израел, веднаш да се престане со трговијата со Израел и да се сопре секаква културна, образовна и спортска соработка со Израел.

„Оваа година, темата на Генералната дебата е „Подобри заедно: Повеќе од 80 години за мир, развој и човекови права“. Во вашата видео-порака по повод 80 годишнината од основањето на Обединетите нации, вие истакнавте: „Оваа 80 годишнина е повик за будење за да ја потврдиме нашата посветеност на Повелбата на ОН и нејзиниот меѓународен поредок заснован на правила. Од нас зависи дали ОН ќе се справат со предизвиците и ќе продолжат да градат иднина на мир, правда и напредок на здрава планета.“

Точно, од нас зависи! Но, како придонесувате вие и останатите претставници на нашата држава кон градење мир, правда и напредок на здрава планета? Македонија гласа воздржано за клучни прашања поврзани со најголемото злосторство на денешницата, геноцидот и екоцидот кој Израел веќе две години, активно и секојдневно, го врши врз палестинското население во Газа. За каков мир, правда и напредок на здрава планета
зборуваме, кога Македонија ни симболички нема изразено солидарност и поддршка со народ кој трпи геноцид, кој целиот свет го следи преку малите екрани? Како може да спиете мирно продолжувајќи ја економската и политичката соработка со геноциден ентитет како што е Израел?

Зборовите се празни доколку не се проследени со конкретни чекори.Зборовите се опасни доколку дејствуваме сосем спротивно од нивното значење. Како ги оправдувате своите постапки?“ се наведува во писмото.

Од Иницијативата ја потсетуваат претседателката на државата дека токму на ова Генерално собрание, во октомври 1963 година, Скопје го доби називот „градот на светската солидарност“.

Каде е „градот на светската солидарност“ сега? Како претседателка на државата, оправдајте го овој назив! Тоа е вашата историска должност, порачуваат од иницијативата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот