Фото: МИА Архива

Синот на Талат Џафери избран за обвинител во ОЈО Гостивар

На денешната седница на Советот на јавни обвинители, Барлет Џафери, синот на претседателот на Собранието Талат Џафери, е избран за обвинител во Основното јавно обвинителство во Гостивар. Сопругата на шефот на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Абази, Албулена Абази е избрана за обвинител во ОЈО Кичево.

На денешната седница беа избрани вкупно 18 обвинители во 12 обвинителства низ земјава и еден Основен јавен обвинител во ОЈО Штип, а десет останаа неизбрани. По завршувањето на седницата, претседателот на Советот на Јавни обвинители, Антонио Јолевски изјави дека прво ќе расчистат со Основните обвинителства и да видат колку места ќе се пополнат, во кои обвинителства, а потоа ќе изберат и во Обвинителството за организиран криминал и корупција и Вишото Јавно обвинителство.

Избрани се 18, десет останаа неизбрани. Дел од нив не се јавија, многу мал дел, поголемиот дел се јавија во обвинителства во кои знаеја дека нема да бидат избрани. Куманово, кое е на два чекори од Скопје никој не се пријави, иако беа сигурни дека ќе бидат избрани во Куманово, каде што има голем недостаток на обвинители, но, никој не се јавува, рече Јолевски.

Тој информираше дека празно остана само Јавното Обвинителство во Крива Паланка.

Гевгелија, Делчево и Ресен останаа со по еден обвинител кој до крајот на годината ќе замине во пензија, а распишавме оглас, никој не се јавува. Тие се обвинителства кои сѐ додека постои ваквата организациона поставеност, треба да бидат пополнети, рече тој.

На прашањето за биографијата на кандидатот Барлет Џафери, за кого ДКСК објави дека положил правосуден испит пред да дипломира, Јолевски рече дека целосната документација што е потребна за кај нив е важечка, а за останатото, според него, требало да се погрижат другите надлежни институции.

-Целосната документација што е потребна за кај нас ја има и е важечка, ние не можеме да се впуштаме во тој дел, не е наша надлежност. Оние институции кои треба да се грижат, би требало да интервенираат доколку сметале дека нешто не е во ред. Министерството за образование, Министерство за правда, кога полагале правосуден испит, ниту еден досега нема поведено постапка, ниту, колку што знам, ДКСК го има затворено предметот како предмет, рече тој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот