
Синот на нарко-босот Ел Чапо се изјасни за виновен пред американски суд во замена за поблага казна
Овидио беше уапсен во јануари 2023 година во операција во Кулијакан, северозападно Мексико, во која беа убиени најмалку 29 лица.
Еден од синовите на мексиканскиот нарко-бос Хоакин „Ел Чапо“ Гузман, коосновач на картелот Синалоа, Овидио Гузман Лопез, се изјасни за виновен пред американски суд како дел од спогодбата за признавање на вина што ќе му обезбеди полесна затворска казна.
Препорачано
Познат како „Ел Ратон“ (Глувчето), 35-годишниот Овидио е единствениот од четирите сина на водачот на картелот кој постигна спогодба за признавање на вина со американската правда и се изјасни за виновен. Неговиот татко, Ел Чапо, отслужува доживотна казна затвор во САД, изречена во 2019 година.
Американскиот обвинител Џеј Клејтон изјави во петокот во судот на Менхетен дека ова е „важен чекор во повикувањето на одговорност на картелот Синалоа и неговите водачи за нивната улога во епидемијата на фентанил, дрога што одзеде многу американски животи“.
Судот во Њујорк на 1 јули ги отфрли обвиненијата за трговија со дрога против Овидио Гузман како дел од спогодбата за признавање на вина, избегнувајќи судење и обезбедувајќи она што аналитичарите велат дека е полесна казна од неговиот татко. Датумот на изрекување на пресудата сè уште не е закажан.
Како дел од спогодбата за признавање на вина, Овидио Гузман се изјасни за виновен за заговор за трговија со дрога и за учество во криминална организација, соопшти Министерството за правда на САД. Тој, исто така, призна дека тој и неговите тројца браќа ја презеле улогата на нивниот татко во рамките на картелот.
Овидио беше уапсен во јануари 2023 година во операција во Кулијакан, северозападно Мексико, во која беа убиени најмалку 29 лица.
Тој беше екстрадиран во Соединетите Држави девет месеци подоцна.