Сцена од филмот „Блех-музика“

Синеастички спектар со поливалентна убавина носи филмскиот циклус Недела на франкофонскиот филм

Официјалното отворање на Неделата на франкофонскиот филм ќе се одржи на 15 март, во 20 часот, во Кинотеката на Северна Македонија, со проекција на швајцарскиот филм „Блех-музика“ (2019) на режисерот Франсоа-Кристоф Марзал.

Францускиот институт во Скопје и Амбасадата на Франција, во соработка со амбасадите на Швајцарија, Романија, Белгија, Албанија, Грција, Бугарија и Бугарскиот културно-информативен центар од 15 до 22 март во Кинотеката на Северна Македонија ја организираат традиционалната Недела на франкофонски филм во знак на одбележување на Месецот на Франкофонијата. Официјалното отворање на циклусот филмови од франкофонските земји е на 15 март со проекција на швајцарскиот филм „Блех-музика“ на режисерот Франсоа-Кристоф Марзал.

На почетокот на пролетта во 1970 година, во малото село Моншу, се случува невообичаена раздвиженост. И тоа не е поради правото на глас на жените, ниту, пак, поради претстојниот референдум за иселување на странците, туку нешто пострашно: селскиот оркестар имплодираше! Половина од селаните велат Алојс е виновен, за останатите виновникот е Пјер. Ова соперништво ќе добие политичка, музичка и љубовна димензија.

По проекцијата на филмот „Блех-музика“ ќе следува отворање на изложбата „Париски цртан филм“ на македонската уметница Јана Манева-Чупоска.

Следните денови во рамките на Недела на франкофонскиот филм ќе бидат прикажани уште седум филмски остварувања. Бугарскиот филм „Бескрајна градина“ (2017) на режисерот Галин Стоев ќе биде прикажан на 16 март, во 18 часот, додека истата вечер во 20 часот на програмата е романскиот филм „Слобода“ (2023) на Тудор Гиуригу.

На 18 март, во 20 часот, следува проекција на албанскиот филм „Делегација“ (2018) на Бујар Алимани, на 19 март е проекцијата на македонскиот филм „Најсреќниот човек на светот“ (2022) на Теона Стругар Митевска, на 20 март ќе биде прикажан францускиот филм „Дивертименто“ (2023) на Мари-Кастиј Мартијон-Шар, додека на 21 март е проекцијата на белгискиот филм „Љубезните“ (2022) на режисерот Оливије Ранже. Неделата на франкофонски филм ќе заврши на 22 март со проекција на грчкиот филм „Ефтихија“ (2019) на режисерот Ангелос Францис.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот