
Синдикат на културата: Културата е сè уште без плата за мај
И понатаму две институции од областа на културата немаат плата за месец мај, а причината е во тоа што Министерството одбива да ги почитува одлуките на управните одбори на овие институции и бара платите да се исплатат спротивно на Колективните договори и важечката законска регулатива, реагираат од Синдикатот на култура.
Препорачано
Оттаму тврдат дека од Министерството за култура, телефонски се даваат инструкции за пресметка на платите, спротивно на одлуките на управните одбори.
– Образложението е дека тоа било наложено од Министерството за финансии. „Како и досега“, тоа се прави без писмена потврда, оставајќи ги директорите под ризик да бидат обвинети за непочитување на законските одредби. Безобразието оди дотаму што, кога институциите уредно ќе побараат писмен документ како основа за такви противзаконски насоки, одговорот е закана: „НЕМА ДА ЗЕМЕТЕ ПЛАТА СО МЕСЕЦИ“. Со тоа, покрај кршењето на правото на плата, се загрозува и правото на здравствено осигурување по 30 јуни.
Министерот за култура и туризам, како и досега, останува пасивен набљудувач на ситуацијата, свесен дека Министерството за култура во континуитет ги крши законите на штета на културните работници, се вели во реакцијата.
Синдикатот бара од Министерството за култура веднаш да ги исплати платите согласно одлуките на управните одбори, а доколку повторно се повика на Министерството за финансии како кочничар на исплатата на платите согласно закон, ќе побараат јавно да ги објават одредбите со кои ќе бидат поткрепени овие тврдења, односно дека исклучиво Министерството за финансии е одговорно за кратењето на правото на плата на вработените во културата.