
Синдикална кошничка: Минималните трошоци во септември речиси 1.000 евра
Во септември минималните трошоци на едно четиричлено семејство изнесуваат 996 евра или 61.306 денари што е зголемување за 107 денари во однос на август кога истите трошоци изнесувале 61.199 денари, покажуваат пресметките на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).
Препорачано
– Загрижува податокот во делот на трошоците за Исхрана и пијалаци за месец септември кои изнесуваат 23.034,00 денари споредено со месец август, кога изнесувале 22 317 денари и истите како трошок се зголемени за 717 денари, што покажува дека трговците во текот на месецот ги искористија најавите за воведување на ограничени маржи или цени за да ги зголемат цените на основните прехранбени производи пред објавување на Одлуката на Владата во Службен весник и на тој начин дополнително да се збогатат и да си осигурат зголемени цени и во наредниот период, односно за време на траењето на Одлуката за ограничени маржи на штета на граѓаните и работниците во Македонија – велат од ССМ.
Во соопштението се додава дека делот од синдикалната минимална кошница за трошоци за исхрана и пијалаци во целост, односно 86 проценти се преземени во листата на производи чии маржи се ограничени од страна на Владата со што се очекува дека доколку мерката се почитува од страна на трговците, ќе придонесе за значајно намалување на трошоците за храна и пијалаци на најранливите категории на граѓани или на работниците со најниски примања.