Гордана Сиљановска-Давкова / Фото: Фејсбук

Сиљановска до дијаспората: Ви се извинувам за неправдите кон вас, има шанса заедно да ја смениме татковината ама и човештвото

„Кога слушам понекогаш „America the great“, си велам па не е лошо во овие чудни времиња да имате за пријател некој којшто е „the great“, оти тогаш и вие не сте мали“, истакна Сиљановска–Давкова.

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова присуствуваше на 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи со САД, заедно со претставници на американските владини институции, македонски дипломати во САД, како и претставници на македонската заедница.

Таа им се обрати на нашинците и им порача дека ќе направи се „за да бидеме заедно и кога сме одвоени“. Им рече да останат сплотени, да не ги пренесуваат делбите, но и да не создаваат делби надвор.

Претседателката рече дека прекрасно се чувствува секогаш кога ќе дојде овде во земја во која „за да успеете навистина треба да имате знаење и интегритет“.

„Знам дека вие сте најдоброто, за жал, најдоброто заминува. Знам дека ова е вашата втора татковина. Ви се извинувам за неправдите кон вас, знам дека има шанса заедно да ја смениме и татковината ама и човештвото, бидејќи светот не оди во добар правец“, порача Сиљановска–Давкова.

Таа рече дека посакува и во следните 30 години да продолжи стратешкото партнерство со САД, бидејќи, како што истакна „живееме во време невреме и сиот дух треба да го прибереме оти тоа е она што ќе го движи човештвото напред“.

„Кога слушам понекогаш „America the great“, си велам па не е лошо во овие чудни времиња да имате за пријател некој којшто е „the great“, оти тогаш и вие не сте мали“, истакна Сиљановска–Давкова.

На настанот присуствуваа и министрите за надворешни работи и за евроинтеграции, Тимчо Муцунски и Орхан Муртезани, кои ја придружуваат претседателката на работната посета во САД, како и претставници на дипломатскиот кор и истакнати гости од јавниот и општествениот живот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот