
Сиљановска Давкова: Уставни измени не се дел од договорот со Бугарија, решението за спорот е во „интерпретација на преговарачката рамка“
„Македонија добива силна меѓународна поддршка за својата позиција во спорот со Бугарија“, вели претседателката Гордана Сиљановска Давкова. На брифинг со медиумите, таа посочи дека државата јасно ги претставила своите аргументи на билатерални и мултилатерални средби, како и пред претставници на Европската унија.
Препорачано
Како примери за поддршка, претседателката ја издвои Вишеградската група и Белгија, од каде што добила пораки: „Вие доволно сторивте, сега е ред на нас.“
Сиљановска Давкова вели дека позицијата на државата им е јасно преставена на сите билатерални или мултилатерални средби со државници и претставници на Европската унија, а измени на Уставот не се предвидени во Договорот со Бугарија и тоа јасно му било кажано на бугарскиот претседател Радев.
Барањата за промена на Уставот и внесување на Бугарите, кои доаѓаат од Брисел, претседателката ги оквалификува како преседан и мешање на меѓународната заедница во внатрешни прашања на држава аспирант.
Изјавата на бугарскиот претседател Румен Радев по средбата во Баку, ја оквалификува како повеќе за „домашна употреба“, бидејќи текот на средбата, тонот и разговараното биле во друга насока, а од страна на Радев немало никаква реакција кога претседателката Сиљановска нагласила дека во Договорот за добрососедство со Бугарија никаде не се споменати уставни измени.
Претседателката потврди дека начелно е договорена официјална посета на претседателот Радев на Македонија и дека во моментов се прецизираат детали и датум.