Сијарто удри по Брисел: Едни правила важат за Украина, а други за Србија и за Македонија

„Грција ги блокираше преговорите со Северна Македонија речиси една деценија. Дали некој ги обвини Грците? Не. Сега Бугарија поставува предуслови – и пак, никој не ги критикува. Ова се двојни стандарди“, реагираше унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.

Унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, изјави дека Европската Унија очигледно применува двојни стандарди во процесот на проширување, посочувајќи на нерамноправниот третман на Србија и пречките во интеграцијата на Македонија.

Во интервју за српската јавна телевизија РТС, Сијарто нагласи дека ЕУ не се однесува еднакво кон сите земји-кандидати.

„Мислам дека за сите е јасно дека ЕУ применува двојни стандарди и кон Србија. Погледнете ја Украина. Дали некој со здрав разум ќе поверува дека Украина е во подобра состојба од Србија како кандидат? Дали некој навистина мисли дека Украина е поподготвена за членство во ЕУ од Србија?“, праша Сијарто, додавајќи дека Србија веќе постигнала значителен напредок во реформите, за разлика од Украина.

Тој потсети дека со години слуша дека процесот на проширување се заснова на заслуги, но според него, тоа правило не важи еднакво за сите.

„Србија тоа го постигна, а Украина – воопшто не“, истакна министерот.

Сијарто се осврна и на идејата за одлучување во ЕУ со квалификувано мнозинство наместо со едногласност, оценувајќи дека и тоа е уште еден пример за двојни стандарди. Како примери ги наведе Романија и Бугарија, кои и покрај исполнетите услови не можат да се приклучат кон Шенген-зоната поради вето од Австрија и Холандија.

„Дали некој ги обвини Холандија или Австрија дека го злоупотребуваат правото на вето и го нарушуваат европското единство? Не. А кога некоја централноевропска земја каже ‘не’, тогаш веднаш е обвинета дека го поткопува единството и дека е шпион на Путин“, рече тој.

Во продолжение, унгарскиот министер ја спомена и состојбата со проширувањето на Западен Балкан, нагласувајќи дека Србија и Македонија се жртви на политички калкулации во рамките на Унијата.

„Погледнете го процесот на пристапување на вашата земја. Европската комисија одамна предложи отворање на нови поглавја со Србија, но некои членки се спротивставија. Никој не ги обвини за поткопување на европското единство. Грција ги блокираше преговорите со Северна Македонија речиси една деценија. Дали некој ги обвини Грците? Не. Сега Бугарија поставува предуслови – и пак, никој не ги критикува. Ова се двојни стандарди“, нагласи Сијарто.

Тој порача и дека Унгарија често е посочувана како виновник во ЕУ само затоа што има влада која не се согласува со ставовите на Брисел.

„Секогаш кога не се согласуваме со нешто на што имаме право – бидејќи се спротивставуваме на војната, на миграцијата, на родовата пропаганда – веднаш сме стигматизирани. А тоа е спротивно на основните вредности на Европската Унија, која треба да се темели на едногласност и почитување на различните ставови“, изјави Сијарто во интервјуто за РТС.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот