Фото: pexels-isabella-mendes

Што се случува со нашето тело кога ќе престанеме да пиеме алкохол? Ќе откриете многу придобивки за вашето здравје

Алкохолот има многу негативни ефекти врз нашето здравје, од кои некои може да ве изненадат. Тие вклучуваат краткорочни ефекти како будење со главоболка или анксиозност, па сè до долгорочни ефекти, вклучувајќи рак.

Ако размислите да се откажете од алкохол некое време, ќе откриете многу непосредни и долгорочни придобивки за вашето здравје. Некои придобивки почнуваат веднаш, па затоа секој ден без алкохол е победа за вашето здравје.

Никол Ли, професорка на Националниот институт за истражување на зависности при Универзитетот Куртин со седиште во Мелбурн, и Катинка ван де Вен, специјалист за алкохол и дрога на Универзитетот во Јужен Велс во Сиднеј, создадоа временска рамка за закрепнување од апстиненција од алкохол.

Подобрување по само еден ден

Потребни се околу 24 часа за алкохолот целосно да го напушти вашето тело, па затоа може да почнете да забележувате подобрувања по само еден ден.

Алкохолот ве тера да мокрите почесто, што често е причина за дехидрација. Но, вашето тело може да апсорбира чаша вода речиси веднаш, па откако алкохолот ќе се исфрли од вашиот систем, дехидрацијата од ефектите на алкохолот се намалува, подобрувајќи го варењето на храната, функцијата на мозокот и нивото на енергија.

Алкохолот, исто така, ја намалува способноста на црниот дроб да го регулира шеќерот во крвта. Откако алкохолот ќе го напушти системот, шеќерот во крвта почнува да се нормализира.

Ако припаѓате на групата луѓе кои пијат секојдневно, на почетокот може да се чувствувате малку полошо додека вашето тело не се навикне на тоа да нема алкохол во вашиот систем цело време. На почетокот, може да забележите нарушен сон, промени во расположението, потење или треперење. Повеќето симптоми обично исчезнуваат за околу една недела без алкохол.

По една недела

Иако алкохолот може да ве направи поспани на почетокот, тој го нарушува вашиот циклус на спиење. До крајот на неделата без алкохол, може да забележите дека сте поенергични наутро, што ќе резултира со подобар квалитет на спиење.

Како филтер на телото, црниот дроб врши голем дел од тешката работа во преработката на алкохол и лесно може да се оштети дури и со умерено пиење алкохолни пијалоци.

Црниот дроб е важен за чистење на крвта, преработка на хранливи материи и производство на жолчка за да помогне во варењето на храната. Но, тој може и брзо да се регенерира. Ако имате само благо оштетување на црниот дроб, седум дена може да бидат доволни за да се намалат мастите во црниот дроб и да се залечат благите лузни и оштетувања на ткивото.

Дури и мали количини алкохол можат да ја оштетат функцијата на мозокот. Значи, откажувањето од пиењето алкохол може да помогне во подобрувањето на здравјето на мозокот во рок од неколку дена кај оние кои пијат малку до умерено, а во рок од еден месец дури и кај оние кои пијат многу.

Еден месец без алкохол

Алкохолот може да го отежни управувањето со расположението и да ги влоши симптомите на анксиозност и депресија. По неколку недели, повеќето луѓе почнуваат да се чувствуваат подобро. Дури и оние што пијат многу алкохол пријавуваат подобро расположение по еден до два месеци.

Како што се подобруваат вашиот сон и расположение, може да забележите и повеќе енергија и поголема благосостојба.

По еден месец апстиненција, редовните алкохоличари исто така известуваат дека се чувствуваат посигурни во начинот на кој пијат.

Можете да изгубите тежина и телесни масти. Алкохолот е богат со килоџули и може да го активира системот за наградување од глад, предизвикувајќи нè да се прејадуваме или да избираме помалку здрава храна кога пиеме.

Дури и вашата кожа ќе ви биде благодарна. Алкохолот може да ве направи да изгледате постари поради дехидрација и воспаление, што може да се поправи кога ќе престанете.

Алкохолот ги иритира цревата и го нарушува нормалното функционирање на желудникот, предизвикувајќи надуеност, лошо варење, горушица и дијареја. Овие симптоми обично почнуваат да се повлекуваат во рок од четири недели.

По еден месец апстиненција, инсулинската резистенција – која може да доведе до висок шеќер во крвта – е значително намалена за 25 отсто. Крвниот притисок исто така се намалува (за 6 отсто), а факторите на раст поврзани со ракот се намалуваат, со што се намалува ризикот од рак.

Кога ќе поминат шест месеци

Црниот дроб почнува да се регенерира во рок од неколку недели. Кај умерените консументи на алкохол, оштетувањето на црниот дроб може целосно да се поправи за шест месеци. Во овој момент, дури и тешките консументи на алкохол може да забележат дека подобро се борат против инфекциите и се чувствуваат поздраво воопшто.

По една година или повеќе

Алкохолот придонесува или предизвикува голем број хронични заболувања, вклучувајќи срцеви заболувања, мозочен удар, дијабетес тип 2 и седум различни видови рак, како и проблеми со менталното здравје. Сите овие ризици можат да се намалат со прекинување или намалување на внесот на алкохол.

Алкохолот го зголемува крвниот притисок. Високиот крвен притисок (хипертензија) е главен фактор на ризик за смрт низ целиот свет. Мало зголемување на крвниот притисок од 2 mmHg над нормалниот опсег (120 mmHg) ја зголемува смртноста од мозочен удар за 10 отсто и од коронарна артериска болест за седум проценти.

Намалувањето на консумирањето алкохол на помалку од две пијалоци дневно може значително да го намали крвниот притисок, намалувајќи го ризикот од мозочен удар и срцеви заболувања. Намалувањето на крвниот притисок, исто така, го намалува ризикот од заболувања на бубрезите, проблеми со очите, па дури и еректилна дисфункција.

Со долготрајна апстиненција, ризикот од развој на било каков вид рак се намалува. Една студија го испитувала ризикот од рак кај повеќе од четири милиони возрасни лица во период од три до седум години и открила дека ризикот од рак поврзан со алкохолот е намален за четири проценти, дури и кај оние кои пиеле малку и престанале да пијат. Намалувањето од тешко на умерено пиење го намалило ризикот од рак поврзан со алкохолот за девет проценти.

Важна животна промена што бара следење

Без разлика дали сакате да го намалите внесот на алкохол или целосно да престанете да пиете, постојат неколку едноставни работи што можете да ги направите за да ви помогнат да се држите до вашата цел. Поставете јасни цели и дефинирајте ги чекорите што треба да ги преземете за да ги постигнете.

Обрнете внимание на придобивките што ги забележувате од престанокот со пиење алкохол и следете го вашиот напредок.

Побарајте поддршка од други, најблиски или од организации како што се Анонимните алкохоличари. Ако сте се обиделе да го намалите консумирањето алкохол и имате тешкотии, можеби ви е потребна стручна помош. Контактирајте лекар кој може да ве упати понатаму кон специјализирани служби за борба против алкохолизмот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот