
Што претставува Златната купола, моќниот вселенски штит на Америка?
Американскиот претседател Доналд Трамп во вторникот изјави дека го избрал дизајнот за ракетниот одбранбен штит Златна купола вреден 175 милијарди долари и го назначи генералот на вселенските сили да ја предводи амбициозната програма насочена кон блокирање на заканите од Кина и Русија. Програмата има за цел да создаде мрежа од сателити за откривање, следење и потенцијално пресретнување на дојдовни ракети, објави Ројтерс.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Златната купола ќе „ја заштити нашата татковина“, рече Трамп, и додаде дека Канада изјавила дека сака да биде дел од проектот.
Трамп изјави дека одбранбениот штит би требало да биде оперативен до крајот на неговиот мандат во јануари 2029 година, но експертите од индустријата не се толку сигурни во врска со тој временски рок и цена.
Златната купола ќе биде базирана во вселената
„Златната купола“ претставува чекор напред кон создавање сеопфатен систем за одбрана на Америка од глобални ракетни закани, вклучувајќи балистички и хиперсонични проектили. Овој проект не само што има потенцијал да ја редефинира воената стратегија на САД, туку и значително да влијае врз глобалната безбедност. Меѓутоа, неговата цена предизвикува загриженост за одржливоста и буџетските приоритети.
За разлика од израелскиот систем Железна купола, кој е дизајниран да пресретнува ракети со краток дострел, Златната купола има амбиција да ја заштити целата територија на САД од напредни закани. Системот ќе биде сместен во вселената, што го прави неговото функционирање многу потешко и технолошки и финансиски.
Златната купола е чекор кон иднината, но и предизвик што ќе ја тестира способноста на САД да ги балансира безбедносните, технолошките и економските ограничувања, велат ескпертите.
Повеќе од 1000 сателити и борбена орбитална флота
Според планот што пред еден месец им го презентираа на претставниците на Белата куќа и Пентагон „Спејс Икс“, „Паландир“ и „Андурил“, планирано е лансирање помеѓу 400 и повеќе од 1.000 сателити за откривање лансирања на ракети и следење на нивниот лет. Покрај тоа, проектот предвидува специјална орбитална флота од околу 200 сателити опремени со ракети или ласери, кои би можеле да пресретнуваат непријателски проектили. „Спејс Икс“, според изворите, нема да биде директно вклучен во вооружувањето на тие сателити.

Претплата наместо купување?
Проектот ветува огромни можности за приватниот сектор. Иако Трамп не ги именуваше компаниите што ќе бидат вклучени, компании како „Спејс Икс“ на Илон Маск веќе се во трка за профитабилни договори, бидејќи државата не може сама да реализира толку сложен потфат. Ова би можело значително да ја поттикне технолошката индустрија, но исто така би можело да предизвика дебата за улогата на приватните компании во националната безбедност.

Како што пренесе Ројтерс минатиот месец, „Спејс Икс“ наводно предложил владата да не го купува системот, туку да го користи преку модел на претплата – плаќајќи за пристап до технологијата, наместо да ја поседува. Овој модел би овозможил побрза имплементација, бидејќи би ги заобиколил бавните и комплицирани процедури на класичната воена набавка. Сепак, ова би значело и долгорочна зависност на државата од приватните компании, со губење на контролата врз развојот на системот и трошоците.
Некои претставници на Пентагон веќе изразија загриженост за таквиот пристап, што не е вообичаено за проекти со ваква големина и стратешко значење.
Белата куќа сè уште не објави дополнителни детали за проектот. Иако Трамп рече дека системот ќе биде развиен во САД, тој не ги именуваше компаниите што ќе бидат вклучени.
Трамп ги презентираше деталите од планот за изградба на „Златната купола“