сузана мицева
Сузана Мицева / Фото: Георги Кончалиев

Што прави денеска: Сузана Мицева, новинарка и поетеса

Сузана Мицева е новинарка, поетеса и мајка на три деца, која живее и работи во Струмица. Добитник е на повеќе домашни и меѓународни награди и признанија во областа на новинарството и книжевноста.

Оваа талентирана жена е долгогодишен репортер и дописник за повеќе медиуми и постојано е во движење, но, сепак одвои малку време и ни раскажа како изгледа еден нејзин ден.

сузана мицева
Сузана Мицева / Фото: Георги Кончалиев

„Да требаше да си раскажеме еден ден пред три години, ќе кажев дека утрото ми почнува читајќи или пишувајќи. Од задоволство. Но, вистината е дека секоја следна од последниве три години носи само нови ужаси за светов и моите денови овој период почнуваат со пишување предизвикано од тешката украинска тага. Ме обвиткува немоќта што гледам како животот на земјава мрзне. Чувствувам дури некаква вина, што воопшто ги запишувам своите мисли, доживувања, и пијам кафе на топло, додека не така далеку луѓето се туткаат во скривници, доаѓањето на новиот живот го надвикува плачот по пресноумрените.

сузана мицева
Сузана Мицева / Фото: Георги Кончалиев

Неоплакани, незнајни судбини ми тежат во градиве и се обидувам секој ден да оставам нова пишана трага на ова неразумно време. Животот никогаш немал гаранции, но, ова обезвреднето битисување само потврдува дека не е дозволено да се мечтае. Во секој момент вашите соништа можат да се стрмоглават во некоја неозначена рушевина.

Ако ги тргнеме ваквите записи настрана, навидум сѐ овде е вообичаено. Работниците одат на работа, учениците во училиште, пензионерите се раздвижуваат во кусите сончеви интервали. Но, знаеме дека сме притиснати во еден тенко – сив балон. Не знаеме до кога ќе се шири и неодминливо е да пукне. И јас глумам во импровизираната рутина.

сузана мицева
Сузана Мицева / Фото: Сречко Гунчев

Готвам ручеци, испраќам и пречекувам деца, следам настани и информирам, но, длабоко во себе се обидувам да го превеслам денот, иако не ме заобиколуваат ни последните вечерни новости за поскапувања и предвидувања за тоа што следи.

Читам неколку книги истовремено и ноќта ја поклопувам меѓу корици. Сѐ на сѐ, тука, во литературата, е мојата надеж и бегство. Кога еден ден (се молам да е многу брзо) сето ова ќе заврши, ќе ни биде потребно да ги класифицираме своите чувства, да увидеме што сме сведочеле и колку светот е умислен дека технолошки напреднал, а всушност само потврди дека до капка го исцедил, исушил, го обездушил и обесчовечил човекот.“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот