Фото: Стефан Соколовски

Што прави денеска: Наташа Малинкова, пејачка

Атрактивната пејачка може да се пофали со повеќе од две децениско искуство на сцена, настапи на фестивали и концерти и повеќе од 30 синглови.

Наташа Малинкова официјално на сцената се појави во 2000 година со бендот „Багаж“, во кој беше вокал, а веќе во 2001 го промовираа и првиот сингл „Името твое“. Во 2003 година првпат стана мајка, ја роди ќерката Султана, а веќе наредната 2004 година Наташа продолжи со соло кариера.

Меѓу песните се издвоија „Грешка“, „Далеку од тебе“, „1000 зборови“, „Патувам“ како најуспешни синглови во периодот по 2009 година.

Фото: Стефан Соколовски

Пејачката во 2013 стана мајка по вторпат, на свет ја донесе Емилија, и оттогаш наваму успешно соработува со нејзиниот догогодишен автор и колега на настапите во живо, Столе Аврамов.

Наташа и во услови на пандемија сними уште една прекрасна песна за своите обожаватели. Столе ја напиша за неа нумерата „Немам зборови“ за која е снимен и видео запис. Во периодот кога на сите им недостасуваше музиката, Наташа ја објави „Сѐ што ми зема“, ремикс на нивната макфестовска нумера, која наиде на одлични реакции кај публиката.

Енергичната Наташа успешно балансира помеѓу кариерата, мајчинството и семејниот бизнис.
Пејачката и во моментов не мирува, со Столе подготвуваат нов материјал, за кој публиката дополнително ќе биде информирана кога ќе биде објавен. Дотогаш уживајте во досегашните песни на Наташа.

Како изгледа едно деноноќие на Наташа?

„Во принцип сум темпераментна личност и работохолик. И можам да се пофалам со темпераментни деноноќија, многу работа и секогаш различна агенда.

Утрото, како и вообичаено ми започнува со будење на помалата ќерка, Емилија, за на училиште, и подготовките со неа. Откако ќе ја испратам, го пијам првото кафе и една чаша цеден лимон со колаген, сама во тишина, така се чувствувам најубаво.

Фото: Приватна архива

Големата ќерка Султана годинава е матурантка и е ослободена од некои поголеми обврски околу училиштето, така што, всушност таа сама си е одговорна за себе и за своите активности.

Наутро додека го пијам кафето размислувам за тековните работни обврски. Кога имам време подготвувам јадење дома, ги извршувам обврските низ домот и потоа го започнувам денот надвор од дома.

Семејниот бизнис , продажба на мебел во салонот „Малинка“ кој годинава слави јубилеј од 30 години е мојата примарна работа во текот на денот, а годинава подготвуваме прослава по повод јубилејот, што е и дополнителна задача за која се разговара дома. Со сопругот правиме план за работата што треба да ја сработиме за нашите клиенти, а потоа се фокусирам и на другите работи.

Фото: Стефан Соколовски

Во текот на денот ги завршувам и домашните задачи со Емилија кога ќе се врати од училиште.
Редовно одвојувам двапати неделно време за себе во мојот матичен салон за убавина, барем два-три пати неделно за тренинг во теретана, каде што од неодамна почнав со тренинзи по кикбокс и одлично ми оди, потполно се пронајдов во тој спорт, што всушност ми е многу потребно за одржување на психофизичката форма бидејќи дефинитивно ми е важна поради бурното темпо на живот. Во принцип малку спијам и често сакам денот да може да потрае уште неколку часа за да завршам сѐ навреме.

Фото: Стефан Соколовски

Имаме многу закажани настапи во текот на викендите, а се случува да имаме настапи и во текот на работната недела па најчесто се подготвувам за нив и за настаните.

Поради моите настапи многу патувам низ државата, но секојдневните обврски околу семејството и работата мора да се завршуваат.

Навечер, по 20 часот, барем три пати неделно, а понекогаш ако има потреба и повеќе, сум во студио и работиме до доцна навечер, подготвувајќи репертоар за настапите и нашите нови авторски теми кои треба постепено да ги промовираме во наредните неколку месеци.

Во викендите кога сме слободни, најчесто недела, одиме во природа, во нашата викендичка на Тиквешко Езеро или со пријателите на некое планиниско место или во парк.“

Фото: Приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот