Фото: Приватна архива

Што прави денеска: Марија Лазарова, професионален шминкер

Марија Лазарова има 27 години и работи како професионален шминкер и коменаџер на приватен семеен бизнис. Дипломирала на катедрата по Турски јазик и книжевност на Филолошки факултет „Блаже Конески“, а од неодамна е бруцош на Факултет за уметности Тетово – Актерство.

Фото: Приватна архива

Како што вели Марија, нејзиното секојдневие може да се опише со изреката: „Не сакав да работам од 9 до 17 часот, па затоа работам 24/7“. Работата ѝ го зафаќа најголемиот дел од животот, а тоа се должи на нејзината природа и карактер. Уште како средношколка се зафатила со учење занает, притоа растејќи во приватен бизнис, а тоа темпо продолжило и во текот на студиите. Иако има кратко искуство како преведувач, главна преокупација на Марија е професионалното шминкање. Како шминкер работи во салон, но и на различни проекти како што се спотови, фотосесии, реклами, филм.

Фото: Приватна архива

Марија нема типично секојдневие, па затоа ни раскажа како изгледа еден ден на шминкер на филм, бидејќи е навистина необично искуство.

„Станувам рано наутро, најчесто пред разденување, поминувам низ моите ритуали на нега на кожа и коса, облекувам нешто многу комотно, ако можам избегнувам да се нашминкам (каква иронија нели?) и го пијам првото кафе. На сет одиме со организиран превоз и доколку сум сама или главен шминкер, однапред спремните куфери ги носам со себе и ги местам на базата, ако ја има. На сет прво се појадува, а потоа веднаш се почнува со работа, шминкањето е една од првите обврски. Интересно беше да се работи на еден проект на отворено летоска, бевме во шума, и во таков случај шминкерот е пожелно да носи средства за заштита од бубачки, алергии и сонце. Откога ќе заврши шминкањето, обврска ми е да го следам целиот процес на снимање и да коригирам или променам нешто доколку има потреба. Во меѓувреме, најдобар пријател ми е кафето или нешто за грицкање. На сет секогаш има ручек и снимачкиот ден трае 12 часа. Се случува некогаш да заврне ако сме на отворено, и тогаш треба да се смени локација па да испадне повеќе време за работа, или нова задача на шминкерот. Работата е многу возбудлива бидејќи се работи со различни луѓе (деца, возрасни, странци итн.) и во различни услови (на отворено, на студено, директно на сонце, во супер ентериери, на познати македонски локации итн.). Кога ќе заврши снимачкиот ден, екипата знае да се почести со дружба, или превозот не носи дома и обично сакам да заспијам гледајќи „Хистори ченел“, а ако сум под стрес – серијата „Пријатели“.

Фото: Приватна архива

Во мојата професија нема работно време, така што најчесто станувам рано, работам за викенди, долго време немам слободен ден, но дефинитивно креативноста ме храни и уживам во тоа денот да го поминам или во салон, или на сет или на некој друг интересен проект.

марија Лазарова Фото Приватна архива
Фото: Приватна архива

Морам да напоменам дека негата за телото ми е многу важна, па задолжително одвојувам време за редовен тренинг или третмани за слабеење и одржување. Од неодамна се одлучив на нов животен чекор, остварување на детски сон, и оттогаш почнав по цели денови да поминувам на факултет (актерство) и да се вложувам околу тоа, па деновите ми се разновидни.

Фото: Приватна архива

Сигурно звучам како да немам приватен живот, но во мојот круг луѓе и семејство имам личности со кои сум во постојан контакт и уживам кога ќе излеземе некаде (латино журки, спа, викенд надвор од Скопје итн.).

Фото Приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот