Јордан Симонов
Јордан Симонов / Фото: Димитар Лазаревски / Фејсбук

Што прави денеска: Јордан Симонов, актер и режисер

Јордан Симонов е македонски театарски, филмски и телевизиски глумец и режисер. Дипломирал на факултетот за Драмски уметности во Скопје, отсек актер, во класата на професор Димитрие Рули Османли во 1992 година, а во 2015 година завршил и постдипломски студии на истиот факултет отсек театарска режија, во класата на професор Слободан Унковски.

Симонов зад себе има богата архива од радиодрами, надсинхронизации на ТВ-серии и филмови, а беше и во улога на инструктор по актерска игра на филмовите „Балканот на е мртов“ и „Трето полувреме“.

Јордан Симонов
Јордан Симонов / Фото: Димитар Лазаревски

Од 1997 година работи во Македонски народен театар – Скопје. Публиката го памети по извонредните изведби на Пол во „Лагата“, Пиерпоинт во „Бесачи“, месарот во „Дух“, Понтиј Пилат во „Мајсторот и Маргарита“, Хамлет во „Аферата Елсинор“, Ѓока во „Сомнително лице“ и многу многу други. А, глумеше и во филмовите како „Хомо“, „Еј“, „Исцелител“, „До балчак“, „Трето полувреме“, „Скопје ремикс“, „Панкот не е мртов“, „Сенки“ и други.

Го видовме и во ТВ-сериите како „Преспав“, „Инсајдер“, „Фамилија Марковски“, „Пепи и Муто“, во „Македонски народни приказни“, „Наше маало“ и други. Негови режисерски остварувања се „Торонто експрес“ по мотивите на збирката есеи „Тибам Штркот“ на Зоран Спасоф Ѕоф, „Црнила Ремикс“ на Коле Чашуле, „Кец на десетка“ заедно со Драган Спасов Дац на Митко Бојаџиски и други.

Јордан Симонов
Јордан Симонов / Фото: Фејсбук

Јордан ја доби наградата за главна машка улога на 55. македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп за улогата на Филип во претставата „Мој термин“ по мотивите на Лорен Бафи и Висенте Виљануева, во режија на Синиша Евтимов, а во продукција на МНТ. Во 2019 година ја доби наградата за најдобар актер во склоп на манифестацијата „Златна бубамара на популарноста“ и други.

Јордан Симонов
Јордан Симонов / Фото: Фејсбук

Го прашавме како приближно изгледа еден негов ден, а тој ни откри како се одвива неговото секојдневие.

– Пред три месеци јас и мојата фамилија решивме да направиме голема промена па така го продадовме станот и купивме куќа со двор. Сега моите денови се многу поразлични од претходно.

Почнав да се занимавам со работи што ни на крај памет не ми паѓаа дека ќе ги работам, од физичка работа како прекопување на дворот, кастрење дрва, преку хортикултура, сеење трева, садење растенија до занаетчиски работи како претапацирање стари столови.

Сите овие работи многу позитивно влијаеја на моето физичко и психичко здравје и моја препорака е помалку социјални мрежи и дневна политика, повеќе работа што ќе ве исполни.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот