Фото: Приватна архива

Што прави денеска: Елизабета Дончевска Лушин, поетеса, прозаистка и педагог

Елизабета Дончевска Лушин е македонска поетеса и прозаистка. Завршила Филозофски факултет во Скопје на Катедрата за педагогија. Повеќе од 20 години работи во образованието како училиштен педагог, од кои осум години како директор на основно училиште.

Фото: Приватна архива

Елизабета може да се пофали со богато портфолио. Досега го издала романот  „Зад виножитото“, кој откако е издаден, влегува во конкуренција за роман на годината (меѓу првите 5 романи). Истиот роман го доживеа и второто издание. Ја издала и збирката поезија „Невидливи облици“ (носител на признание за афирмација на македонскиот јазик и литература). Нејзиниот расказ  „Урбана игра“ е застапен во збирката раскази „Паралелен живот“ – раскази од женски автори, а расказот „Кутија на заборавот“ е застапен во електронската збирка „Карантински раскази“. Исто така, како финалист, застапена е и во збирката „Литературни искри“, а нејзината бајка за деца „Снегулката љубов“ беше издадена во шест продолженија во училишното списание „Другарче“ на „Просветно дело“.

Учествувала на многу конкурси каде што освоила и повеќе награди и признанија, меѓу кои е и првото место на конкурсот за најдобра поетска творба (за поемата „Струма“ 2014 година) што секоја година се распишува по повод празникот на Струмица. Издала и стручни трудови од областа на педагогијата, психологијата, образованието.

Фото: Приватна архива

Елизабета ни долови како изгледа едно нејзино деноноќие…

– Последните неколку години деновите ми се посмирени за разлика од порано кога имав повеќе ангажмани, па не знаев кога ми започнува денот и кога завршува. Во почетокот ми беше тешко да се навикнам на „посмирени“ денови, но сега сум благодарна на тоа и не би ги менувала за оние пред години.

Денот ми започнува секое утро во 6 часот, но сè уште со помош на аларм. И по толку години станување за на работа, не успевам да се разбудам без аларм, но се радувам што се навикнав да станувам во 6, порано мислев дека тоа никогаш нема да ми успее.

Фото: Приватна архива

Утрото е делот од денот што најмногу го сакам. Градот сè уште не е разбуден и уживам во мирот со моето утринско кафе, кое секогаш го пијам сама во тишина. Буквално му се предавам на овој момент. Последниве пет години првата активност ми е пешачење до блискиот рид над градот (ние си го викаме „баир“), кој  е полн со верверички, пеперутки, прекрасна природа во која целосно забораваш дека градот претрупан со автомобили и забрзани луѓе е само неколку чекори подолу. Искачувањето и симнувањето по патеката трае околу час и половина. Во деновите кога имам повеќе време, вметнувам и јога вежби. Кога понекогаш од одредени причини ја прескокнувам оваа активност, цел ден го чувствувам недостатокот на енергијата што ја добивам од ридот.

Потоа следува делот – работа. Тука во училиштето, секој ден колку и да е ист, толку е и различен, работата ми е поврзана со млади луѓе, кои можат со нивните постапки да нè изненадат (очекувано) на повеќе начини.

По завршувањето на работните обврски, овој дел од денот го завршувам со кафе во некое кафуле со блиски луѓе, луѓе што ги сакам со кои можам да споделам сè, да разговарам за сè и со нив да си бидам своја. Во последно време дружбите со луѓето ми се преку ден, а навечер излегувам ако имам некој повод како што се изложби, театарски претстави, промоции на книги.

Фото: Приватна архива

Попладневните часови ги минувам дома каде со сопругот и син ми, одвојуваме  време да седнеме заедно да поразговараме, секој за својот ден, темите се различни во зависност од тоа што во моментот ни се случува, некогаш се секојдневни теми, друг пат преминуваат во дискусии и „тешки“ филозофии.

Сега откако син ми Иван е веќе поголем (студент на медицина), имам многу повеќе слободно време за себе, имам време да творам, да пишувам, во моментов работам на третата збирка поезија за која сè уште се мислам околу насловот. Во еден момент неколку ми се прекрасни, па не можам да се одлучам, во друг момент барам нешто поразлично. Кога пишувам, можам слободно да кажам дека целосно се одвојувам од надворешниот свет. Стресот од секојдневието кое го живееме исчезнува со првиот напишан збор. Буквално постојам само помеѓу буквите, зборовите, редовите. И творам.

Покрај творењето, сакам да изгледам добар филм или серија или да прочитам добра книга.

Кога ќе најдам повеќе време (најчесто за време на викенд), му се препуштам на моето хоби – аматерска фотографија, па заедно со мојата пријателка бараме интересни места (најчесто во планина) и „фаќаме“ моменти, онака за душа.

Фото: Приватна архива

Навечер, пред спиење, секогаш одвојувам време за рефлексија на денот што изминува – прво проверувам дали сè она што сум го планирала за денешниот ден сум успеала да го завршам, а потоа си го организирам утрешниот ден и уредно во планерот на телефонот си запишувам кои обврски треба да ги завршам  утредента. Не знам дали тоа ми е мана или добра страна, но јас морам целосно да си го организирам утрешниот ден. Случајно да не заборавам нешто. И како и сите организирани личности – се држам до планот, се разбира, некогаш некои надворешни случувања можат да влијаат ништо да не оди по мојот план. Добро е што сè повеќе ми успева и тоа да го прифатам.

И секој ден си велам дека вечерва ќе сум во кревет пред полноќ и сè уште – никако да успеам во тоа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот