
Што прави денеска: Бранислав Николов, музичар и пејач во бендот „Фолтин“
Бранислав Николов е еден од оние музички ликови кои впечатливо ја красат алтернативната музичка сцена, искусен „Пијан славеј“, кој освен што е вокалната сила на битолскиот состав „Фолтин“, компонирал и музика за неколку филмови.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Бранислав со уникатен израз, слобода и уметничка енергија, ни сподели како му поминува едно негово секојдневие.
„Што правам денес?! Не многу. Ништо особено. Ова ме потсетува на славното „најлошо“ интервју што Дик Кавет го правел, и тоа со Џорџ Харисон во ’71, кога во еден момент на самиот почеток Џорџ вели дека не е многу по зборувањето, барем не секогаш, и дека нема што многу да се каже тие денови, на што Дик возвраќа дека, иако секој ден води шоу-програма, би можел да седи сам и да молчи во затворена соба со часови… Секако, со многу иронија.
Сепак, иако многу дремам и добро се хранам, деновиве, така од лежење работам и на завршните зафати околу подготовката на краткиот албум или ЕП, како сакате. Материјалот го снимавме на почеток на декември, па сега сме во фаза на миксање… А да, со истата екипа на „Пијан Славеј“ од настапот на „Оф-фест“, што ми е многу мило.

Секојдневно одам на пазар. Периодов е слаб со понуда, и тоа делува тажно. Сите тие затворени тезги што обично блескаат во колоритот.
Ноќите ги врвам во слушање музика и гледање филмови. Еве, баш како добар спој на двете, вчеравечер слушав малку од филмскиот опус на Џони Гринвуд. Филмови гледам сам, поретко во друштво.
Вчера ја зедов гитарата и си ја свирев „Everytime we say goodbye“ од Кол Портер. Така, тивко од мое раче за мое увце, пред спиење. Искрено, имам куп работа што ме чека, но некако сум мрзелив од празниците.

Всушност, секоја година е така. Во овој дел од годината се случува малиот момент на човечката хибернација. Но, за среќа, еве, при крај сме. Наближува пролетта. Ги чекаме птиците да зацрцорат и сè ќе биде во ред.“