Знамиња на Грција и Македонија/ Фото: МИА

ШТО НИ НОСИ ПРОМЕНАТА НА ВЛАСТА ВО ГРЦИЈА: Мицотакис ќе бара влакно во јајцето, но не би требало да не блокира

Со победата на Киријакос Мицотакис и неговата Нова демократија на вчерашните парламентарни избори, Македонија влегува во нова неизвесност во односите со Грција, но очекувањата се дека големата рамка нема да биде променета, односно соработката која двете земји ја постигнаа со потпишувањето на Договорот од Преспа и по него ќе продолжи и понатаму. Аналитичарите искажуваат став дека нивниот грчки премиер нема да влеза во ревизија на Договорот од Преспа, но сепак е можно да се бара влакно во јајцето кога станува збор за нашето членство во ЕУ, иако не се очекува нова блокада од јужниот сосед.

– Имаме поминато доста во реализација на Договорот од Преспа кој е склучен под надзор на големите сили, нашиот процес за членство во НАТО тече, а каков ќе биде односот на Грција во поглед на нашето членство во ЕУ, ќе видиме. Ништо не може да се исклучи. Ние би сакале Ципрас да продолжеше заради поуспешна реализација на Договорот, но грчкиот народ реши поинаку – вели во изјава за „Слободен печат“ професорот Денко Малески.

Тој објаснува дека Ципрас ја платил цената на склучувањето на Договорот од Преспа особено во северниот дел на државата. Истото, смета Малески, може да му се случи и на нашиот премиер Зоран Заев на изборите што треба да се одржат за година и половина. Во однос на можноста за повторно отворање на Договорот, професорот смета дека е прерано да се зборува за тоа.

– Но, Грција треба да е свесна дека угледот во меѓународните односи на некоја држава се цени и по тоа колку ги почитува меѓународните договори кои ги потпишала. Грција треба да си го брани својот углед почитувајќи го она на што се обврзала. Истото важи и за нас – вели Малески.

Инаку Мицотакис, кој е син на поранешниот грчки премиер Константин Мицотакис и брат на поранешната министерка за надворешни работи Дора Бакојани, е против Договорот од Преспа, но сепак, досега искажуваше ставови дека ќе го почитува. Тој изјави дека го задржува правото да го блокира процесот на македонското пристапување во Европската Унија ако оцени дека не биле исполнети националните интереси.

Професорот Никола Дујовски вели дека Договорот од Преспа е завршена работа, депониран е во ООН и двете страни постапуваат по него.

– Мицотакис нема политичка моќ ниту доволно пратеници да менува било што. Можеби кога ќе се отвораат поглавјата за членство во ЕУ, Грција како и секоја друга членка на ЕУ би можела да има дополнителни барања или пак да бара влакно во јајцето, но не очекувам нова блокада – вели Дујовски.

Тој е категоричен дека ниту еден сериозен политичар не би влегов во ревизија на Договорот од Преспа.

Аналитичарот Владимир Божиновски вели дека резултатите од изборите во Грција се очекувани, а некои поголеми промени не очекува во односот со нашата држава.

– Мицотакис изјави дека не се согласува со Договорот, но ќе го почитува. Имаме комисии околу како онаа за трговските марки, па може да се обиде да добие политички поени, но сепак мислам дека нема тоа да се случи, зошто е свесен дека Договорот е толку асиметричен во корист на Грција што би било контрапродуктивно да се обиде да го промени – вели Божиновски.

Во однос на нашето членство во ЕУ, додава тој, не ја гледам Грција како проблем, станува збор за други држави.

Мицотакис денеска положи свечена заклетва на премиерската функција, но во неговите изјави засега не искажал став околу тоа какви ќе бидат политиките на новата грчка влада кон Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот