
„Што ќе кажат другите?“, стравот од осаменост… Зошто остануваме во токсични односи?
Едно од честите психолошки прашања што нè мачат, без разлика на возраста, статусот или полот е, зошто не можеме да излеземе од однос кој нè исцрпува, или зошто постојано се враќаме на нешто што веќе нè повредило? Одговорот не е едноставен, но, како што велат психолозите, најчесто се крие во начинот на кој ги доживуваме сопствените грешки, пишува „Е-клиника“.
Препорачано
Самокритика, поправка на грешките и маѓепсаниот круг
Кога ќе донесеме одлука што ќе се покаже како погрешна, било избор на партнер, пријател или некој друг однос, склони сме на самокритика. Наместо да ја прифатиме грешката како дел од животот, ја доживуваме како доказ дека со нас нешто не е во ред. Токму таа строга внатрешна критика нè заробува во мислата: ако згрешив, мора да ја исправам грешката – дури и ако тоа значи да останам во врска што ме повредува.
Така, објаснуваат експертите за ментално здравје, влегуваме во маѓепсан круг: се враќаме кај луѓе што веќе нè разочарале, уверени дека „овојпат ќе биде поинаку“, иако нема вистински докази дека нивното однесување ќе се промени. Со тоа само ја продлабочуваме болката, верувајќи дека упорноста може да поправи нешто што суштински е нефункционално.
Потекло на ваквото однесување
Корените на ваквото однесување често лежат во детството. Ако сме растеле со строги или родители кои барале премногу од нас, сме научиле дека заслужуваме љубов само кога ќе ги исправиме грешките. Таа динамика подоцна се претвора во образец: ги потиснуваме сопствените потреби, се трудиме да им угодиме на другите и ја жртвуваме својата автентичност само за да добиеме внимание и одобрување. А кога ќе погрешиме, внатрешниот критичар ја презема улогата на тие строги гласови од детството и не ни дозволува да бидеме нежни кон себе.
Покрај внатрешните обрасци, постојат и надворешни притисоци – страв од осаменост, срам пред околината, или грижата „што ќе кажат другите“. Сето тоа доведува до тоа да остануваме во нездрави односи подолго отколку што треба, игнорирајќи го сигналот дека е време да си заминеме.
Правото на грешка
За да излеземе од токсични односи, клучно е да си го дадеме правото да згрешиме. Грешките не се доказ за нашата неспособност или слабост – тие се патокази кон нови искуства, можност за учење и создавање поздрави, поквалитетни врски. Само кога ќе ги прифатиме како дел од животот, се ослободуваме од потребата да го поправаме она што не може да се поправи.
Што вели науката?
Психологијата на врзувањето нуди едно од најјасните објаснувања зошто луѓето остануваат во дисфункционални и токсични односи. Теоријата на Џон Боулби и истражувањата на Мери Ајнсворт покажуваат дека стилот на врзување формиран во детството силно влијае врз односите во зрелоста. Луѓето со анксиозен стил на врзување често остануваат и во лоши врски поради силниот страв од напуштање и губење, дури и кога врската е штетна.
Студиите, исто така, покажуваат дека клучна улога има и феноменот познат како когнитивна дисонанца. Кога вложуваме време, емоции и енергија во некој однос, тешко ни е да прифатиме дека тоа било грешка. За да го намалиме непријатното чувство на внатрешен конфликт, склони сме да го оправдуваме останувањето – убедувајќи се дека „ќе биде подобро“ или дека партнерот „има свои добри страни“.
Сосема е можно и социјалниот притисок да ја има својата улога. Во општества каде разводот, раскинувањето или самотијата се гледаат негативно, луѓето остануваат во лоши односи за да избегнат осуда. Овие надворешни фактори, заедно со личните психолошки обрасци, создаваат комбинација што ги прави токсичните врски долготрајни и тешко прекинливи.
Истражувања и современи сознанија
Психологијата на врзувањето одамна се проучува. Џон Боулби (1969) прв го опишал како раните искуства со родителите ги формираат нашите модели на врзување и подоцна влијаат врз тоа како ги избираме и доживуваме партнерите. Неговата соработничка Мери Ајнсворт (1978), преку познатиот експеримент „Чудна ситуација“, покажала дека децата развиваат три основни стила на врзување: сигурен, анксиозен и избегнувачки. Токму анксиозниот стил често води кон останување во нездрави врски, бидејќи стравот од осаменост е посилен од свеста дека врската штети.
Дополнително, теоријата на когнитивната дисонанца (Фестингер, 1957) укажува дека кога некој вложил многу труд и емоции во однос, разделбата предизвикува чувство дека сè било „залудно“. За да го избегне тоа, човек се убедува дека има смисла да остане, дека работите ќе се сменат или дека вреди да се даде уште една шанса.
Современите истражувања го потврдуваат ова. Една студија во списанието „Персоналити енд соушл сајколоџи булетин“ покажува дека луѓето често остануваат во врски во кои не се среќни, бидејќи дел од нивниот идентитет е врзан со партнерот. Друго истражување (Шпилман и соработници, 2013) открива дека стравот од осаменост е посилен предиктор за останување во врска отколку самиот квалитет на односот.
И на крај, според Амато и Хоман-Мариот (2007, „Џурнал оф мериџ енд фамили“), стигмата поврзана со разводите и очекувањата од семејството и околината силно влијаат врз одлуката дали некој ќе остане во врска, дури и кога таа е очигледно нездрава.