
Широк дијапазон теми од авангардната нишка на поп-културата содржи изложбата на Марга Рита
Јубилејното петто издание на „Скопски градски фестивал“, со возбудлива и исклучително квалитетна програма во организација на „Баги комуникации“, ќе се одржи во три фестивалски вечери, на 7, 9 и 15 мај.
Препорачано
Покрај концертните настапи, на 9 мај, во Младинскиот културен центар во Скопје ќе биде поставена изложбата „Анархија во МКЦ“ (Anarchy in the MKC) на самостојниот уметник Маргарита Василеска (Марга Рита).
На изложбата ќе бидат претставени 28 дела во техниката колаж, со широк дијапазон теми од авангардната нишка на поп-културата, со посебен осврт на субкултурните движења во светот од почетокот на 20-иот век, па сѐ до денешни дни. Во рамките на овој своевиден времеплов на уметничките правци можат да се сретнат ликови кои ја обележаа историјата на класичната уметност.
Како главни протагонисти и хероини, Марга Рита најчесто ги користи ликовите од филмската ера на 20-ите и 30-ите години од минатиот век, но и јунаците и нивните текстови во андерграунд музичкиот медиум, како групите „Кјур“, „Прл џем“, Ник Кејв, „Пиксис“ и други. Притоа во колажите, како своевидно ехо од тие времиња, можат да се најдат разни цитати кои, на некој начин, парадоксално ја дефинираат дигиталната ера во којашто живееме.

Маргарита Василеска е дипломиран вајар на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Досега со нејзините дела има учествувано на повеќе самостојни и групни изложби. Исто така, како дел од тимот, свој придонес има дадено во изработката на скулптури, споменици и архитектонски градби во Скопје.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 229, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 3-6.5.2024)