Сериозниот Мицкоски и на полноќ е подготвен за средба очи в очи со Филипче

Јас реков ако има план, подготвен сум да го примам на средба претседателот на СДСМ да го образложи планот, бидејќи ова се сериозни времиња, јас сум сериозен човек, сериозни работи се во прашање и најмалку треба да се прави естрада на јавна сцена. Стојам на располагање во секое време, ќе го прераспределам мојот распоред на полноќ, по полноќ, кога ќе каже – тогаш, изјави премиерот Христијан Мицкоски

Прва лидерска средба помеѓу премиерот Христијан Мицкоски и опозицискиот лидер Венко Филипче е извесна, само прашање на договор е дали ќе се состанат на полноќ, по полноќ или ќе биде на дневна светлина. Филипче и официјално ќе побара средба „очи в очи“ со Мицкоски за да го изложи „планот за ново општество и стратегија за државата во следните 10-20 години“, а премиерот е подготвен да го сослуша и да најдат решенија. Идејата на Филипче е по средбата со премиерот, планот да го споделат на средба и со лидерите на парламентарните партии.

Лидерската меѓу Мицкоски и Филипче доаѓа по трагедијата во Кочани во која животот го загубија 59 млади. Филипче токму ужасната трагедија во дискотеката „Пулс“ ја истакна како пресвртна точка за нова форма на политички и општествен дијалог, со цел да се подготви стратегија за функционирање на државата во наредната деценија.

Венко Филипче Фото: партија

– Првиот состанок може да биде тет-а-тет. Ги видов реакциите, го видов одговорот на премиерот. Би му го образложил подетално овој план на средба во следните денови, а потоа да се приклучат и другите лидери на партии. Крајно време е да седнеме и заеднички да работиме за доброто на државата. Јас ќе побарам состанок уште денеска или утре, во согласност со агендите. Оставам простор и се надевам дека партиите ќе ја прифатат лидерската, но добро е прво да разговарам со премиерот оти тој прв подаде рака и одговори дека средбата е прифатлива. Не знам што од ова би било неприфатливо и дали некој не би сакал да разговара кога тоа е констатација на секој граѓанин во државата – рече Филипче.

Тој нагласува дека методологијата како да се изработи стратегијата и темите на кои ќе се работи ќе се утврдат заеднички, иако тој вели дека на нив може да работи парламентарна комисија или работна група во која ќе учествуваат и експерти.
Мицкоски повтори дека за сериозни теми треба да се седне и да се разговара, но дека е непристојно да се разговара преку медиуми.

– Јас реков ако има план како што најавија, подготвен сум да го примам на средба претседателот на СДСМ, да го образложи планот, бидејќи ова се сериозни времиња, јас сум сериозен човек, сериозни работи се во прашање и најмалку треба да се прави естрада на јавна сцена. Ако има план и желба да помогне, стојам на располагање во секое време, ќе го прераспределам мојот распоред на полноќ, по полноќ, кога ќе каже – тогаш, ќе го сослушам и да видиме дали нешто може да се реши. Но доколку планот опфаќа пристап „стабри“ (фирмата увозник на кинеските вакцини, н.з.), како што беше во време на короната, тогаш јас такви планови не можам да прифатам – рече Мицкоски.

Христијан Мицкоски Фото: Мицкоски Фејсбук

Филипче образложи дека по големата трагедија во Кочани, реакцијата на граѓаните била револт и бес, и дека тоа било оправдано зашто изминатите 30 години тоа што се нарекувало реформи, транзиција не ги дале очекуваните резултати.

– Системот очигледно на многу места не функционира. За тоа вина имаме сите политички партии и затоа сметам, слушајќи го алармот на граѓаните, на компаниите, потребно е да се направи нова форма на политички и општествен дијалог за да се изготват стратешки документи и да се направи стратегија врз основа на која државата ќе функционира неколку децении – рече Филипче.

Стратегијата треба да ги опфати образованието, здравството, правосудството, животната средина и департизација на администрацијата. На состанокот со Мицкоски, Филипче ќе предложи на локалните избори македонскиот блок да излезе со заеднички независен кандидат за градоначалник на Кочани, иако премиерот веќе рече дека рано е да се зборува за тоа и дека Кочани не треба да се политизира.
На прашањето дали ќе имаат заеднички став со СДСМ за изборот на в.д. градоначалник на Кочани за да нема криза во градот по трагедијата со пожарот и оставката на градоначалникот Љупчо Папазов, Мицкоски рече не разговарале со советниците за потенцијалниот кандидат,  но оти апсолутно ќе се избере в.д. градоначалник и оти тука нема дилема.

– Не сме разговарале со советниците кој би можело да биде тој што ќе биде избран и ќе ја добие поддршката од советниците – рече Мицкоски.

Филипче повтори дека, иако најавиле, засега нема да побараат анкетна комисија за Кочани иако имаат забелешки дека процесот се води селективно.

– Даваме максимална поддршка на институциите. Сепак, сметаме дека процесот е селективен зашто најодговорните во МВР кои имале ингеренции и на денот на несреќата, не презеле одредени дејствија кои требале да се преземат. Ќе ја следиме истрагата и доколку оваа тенденција продолжи, ќе побараме анкетна комисија и сите други механизми кои ќе бидат на располагање – рече Филипче.

Тој негира дека се повлекле од барањето за анкетна комисија поради условот на власта освен Кочани да се разгледаат и случаите за „модуларната болница“, „Дурмо-турс“ и „Беса-транс“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот