
Семејството Рушити со „жив штит“ ќе ја брани куќата која Касами најави дека ќе ја урне
Семејството Рушити, чија куќа остана последна на локацијата на која треба да се пробие булеварот „Благоја Тоска“ во Тетово, вели дека нема да излезе од својот дом и ќе го брани со „жив штит“, откако вчера градоначалникот на Тетово Биљал Касами најави дека во понеделник ќе се урива и куќата на Рушити, за што побарал и асистенција од полицијата. Во изминатиот период беа урнати неколку објекти кои се на планираната траса на булеварот.
Препорачано
„Ние имаме цела документација, со која можеме да докажеме дека одлуката на Касами е незаконска. Минатиот месец тетовскиот суд, донесе решение за супервештачење, со кое треба да се определи висината на средствата за оштета кои треба да ни ги исплати општината. Предметот е во Министерството за правда, процесот не е завршен, а општината најавува уривање. Ние бараме и дозвола за градба на локација веднаш до нашата стара куќа, но и поголема сума од таа која ја одредила локалната самоуправа. Општината претходно ги пушти парите на сметка, ние не бевме задоволни од сумата и по наше барање судот донесе одлука средствата да се повлечат“, вели сопственикот на куќата Ислам Рушити.
Касами вели дека нема пречки да се урне објектот.
„Се надеваме дека полицијата позитивно ќе одговори и ќе го елиминираме и последниот објект каде треба да продолжи булеварот, а семејството ќе мора да се пресели на друга локација“, изјави градоначалникот Биљал Касами.
Булаварот „Благоја Тоска“ дваесет години чека пробивање. Делницата треба да продолжи од мостот кај Клиничката болница, до Средното текстилно училиште. Планирана е и трета, последна фаза на пробивање, сѐ до булеварот „Илинденска“. Таа, според досешната пракса, најверојатно ќе почека уште неколку децении.