Семејното насилство зема замав: во 2023 година 2.114 лица пријавиле дека биле малтретирани

Минатата 2023 година, 2.114 лица пријавиле во полиција дека биле жртви на семејно насилство. Статистиката којашто ја води МВР покажува дека во последните години расте бројот на пријави за семејно насилство, но тие, сепак не ја одразуваат реалната бројка во земјата, бидејќи сè уште некои жртви немаат храброст да пријават во полиција.

Според податоците на МВР, квартално, најголем број случаи на семејно насилство биле пријавени на средина на годината, односно во периодот од јули до септември кога имало 1.558 пријави, додека пак најмалку во месеците април, мај и јуни кога семејно насилство пријавиле 85 жртви.

На почетокот на 2023 година, од јануари до март, 230 лица пријавиле дека биле жртви на семејно насилство, од нив најмногу биле жени или пак 181, а 49 биле мажи. Во овој период 42 жртви биле нападнати од своите синови. Според подрачјата на секторите за внатрешни работи, најголем број на случаи се евидентирани во СВР Скопје, по што следува СВР Битола, додека пак најмалку случаи на семејно насилство се пријавени во СВР Велес.

Најмал број на пријави на семејно насилство имало во периодот од април до јуни. Во тој период МВР евидентирало 85 случаи на семејно насилство. Во овие месеци, 34 мажи пријавиле дека биле жртви на семејно насилство.

Во третиот квартал, во месеците јули, август и септември имало најголем број на пријави на семејно насилство, дури 1.558. Најголем број од жртвите пријавиле дека биле психички малтретирани.

На крајот на 2023 година имало 241 пријава за семејно насилство за месеците октомври ноември и декември, а во тој период животот го загубиле и две лица.

За разлика од 2023 година, во 2022 година биле евидентирани 1.191 жртва од семејно насилство. Од нив најбројни биле жените, односно 942. Најголем број од сторителите на кривичните дела во рамките на семејното насилство биле мажи, односно 1.061. Како извршители биле евидентирани и синови, 171.

Како жртви во 2022 година се појавувале и мажи, односно 249 лица. Од нив 25 биле сопрузи во брачните заедници, а тројца биле евидентирани како дел од вонбрачна заедница.

Гледано по градови, најмногу случаи на семејно насилство во 2022 година имало во Скопје, па следуваат Битола, Тетово и Велес.

Кои се надлежностите на полицијата при пријава за случај на семејно насилство

Полицијата е должна да постапи по секоја пријава за родово базирано насилство врз жена и семејно насилство без оглед дали е добиена по телефон, примена на записник за примање пријава во службени простории на полиција, пријава од трето лице (роднини, пријатели, соседи…), преку известување од друга институција (Центар за социјални работи, воспитно образовни институции …).

Секогаш кога се пријавува по телефон постапката се состои во задолжително излегување на местото на настанот од страна на полицијата со цел да се спречи насилникот да продолжи со вршење на насилството и да се обезбеди помош на жртвата и членови на семејството.

Во случаи кога пријавата е дадена во полициска станица или е примена од друга установа се преземаат истите мерки како и кога станува збор за акутно насилство, односно полицијата е должна да направи соодветна процена на ризик во која се утврдува состојбата и околностите во врска со моменталното пријавеното насилство, историјата на насилството (дали претходно се случувало насилство, дали има претходно изречени заштитни мерки за сторителот и сл.). Исто така, битна е зачестеноста на насилството, заканите кон жртвата или членовите на семејството со насилство и/или со оружје или орудија погодни за напад, пристап на сторителот до оружје, особено огнено оружје. За полицијата е важно дали жртвата била заклучена, дали имала забрана да излегува, забрана да контактира со пријатели и роднини. Треба да се знае дали напаѓачот ја контролирал жртвата, ја прогонувал, следел, демнел, дали демнењето е проследено со закани или со активно физичко насилство или и се заканувал со убиство. Потоа следуваат проверки во евиденциите на полицијата (дали лицето поседува огнено оружје, дали е пријавуван за други кривични дела и сл.) По извршената процена на ризик, а најдоцна до 12 часа од интервенцијата на настанот, од страна на полициските службеници се изготвува полициски извештај за извршена интервенција по пријава за родово базирано насилство врз жените и семејно насилство.

Во случај кога е проценето дека постои ризик за сериозна опасност по животот и физичкиот и психичкиот интегритет на жртвата и членовите на нејзиното семејство или ризик од повторување на насилството, полицискиот службеник од надлежната организациска единица за криминалистички работи веднаш, а најдоцна 12 часа, по изготвување на процената на ризик и полицискиот извештај до надлежниот суд доставува предлог за изрекување итна мерка за заштита – отстранување на сторителот од домот и забрана за приближување до домот, без согласност на жртвата.

Доколку жртвата го напуштила домот (да пријави во полициска станица, упатена за укажување медицинска помош или други причини), а има потреба да се врати во домот за да си земе лични работи, полициските службеници се должни да ѝ обезбедат придружба до нејзиниот дом, со цел да ѝ ја гарантираат безбедноста.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот