
Семејното насилство ќе се гони по службена должност – власта одби ист предлог на Левица, а сега ќе го менува Кривичниот законик
Физичкото малтретирање при семејно насилство, ќе се гони по службена должност, а не како досега – жртвата да мора лично да го пријави насилникот во полиција. Ова е дел од итните измени на Кривичниот законик кои ги предлага Министерството за правда, кои би требало да бидат готови за две недели, објави „Сител“.
Препорачано
Со планираната измена, насилникот ќе се гони без оглед на тоа кој го пријавил насилството. Ваквиот предлог доаѓа откако јавноста изминативе месеци ја потресоа повеќе случаи на семејно насилство, од кои последниот беше бруталното убиство на жена во Шуто Оризари, извршено од нејзиниот партнер во саботата. Рамајана Азири беше убиена од партнерот од кој со години трпела насилство. Нејзините блиски сведочеа дека таа жртвата пријавувала, но во полицијата не ја сфаќале сериозно.
Левица уште во ноември лани во Собранието предложи измени на Кривичниот законик со кои извршителите на семејно насилство ќе се гонат по службена должност, но тогаш владејачкото мнозинство го отфрли предлогот.
Со актуелните предлог-измени се редефинира кривичното дело „Телесна повреда“, односно ставот 4, од кој ќе се отстрани гонењето по приватна тужба во случаи кога делото е сторено при вршење родово-базирано насилство, насилство врз жена или семејно насилство или од омраза или спрема лице кое е посебно ранливо поради неговата возраст, тешките телесни или душевни пречки или бременост, со што овој облик на делото ќе се гони по службена должност согласно одредбите од Истанбулската конвенција, велат од Министерството за правда.
Измените на предлог-законот ќе бидат објавени на ЕНЕР, а сите заинтересирани ќе имаат можност да дадат свои коментари и предлози. По ова, тие ќе треба да бидат усвоени на владина седница, па изгласани во Собранието.