Фото: Фејсбук

Селим Адеми: Законот ја регулира процедурата за избор на претседател на Судски совет, но не и за разрешување

Се согласувам со она што го кажаа експертите, дека прашањето околу разрешување на претседател на Судски совет треба да се регулира. Во закон не е предвидено како се разрешува и дали може да се разреши претседател на Судски совет, но се што не е забрането со Устав и со закон е дозволено, вели во интервју за „Портплаб“ заменик-претседателот на Судски совет, Селим Адеми кој во средата ја разреши претседателката Весна Дамева.

Адеми појаснува дека Законот ја регулира процедурата за избор на претседател која налага дека мора да биде избран со осум гласа, но не и со колку се разрешува.

Во советот имавме мнозинство и беше гласано седум спрема пет. Советот брои 13 членови, плус два чена без право на глас, но Законот се однесува на 13 членови кои имаат право на глас, значи седум е мнозинството во секоја одлука на Судскиот совет, доколку со закон не е предвидена друга процедура.

Значи претседател се бира со осуммина, но со Законот не е регулирано со колку се разрешува и тука е правната дупка. Никаде не пишува дека ако те избираат со осум гласа и те разрешуваат со осум гласа. Добро би било Комисијата за реформи во Министерството за правда да го регулира ова прашање, додава тој.

Според него, експертите погрешно го толкуваат разрешувањето на Дамева оти е спротивно на Законот.

Експертите погрешно толкуваат. Таму пишува дека со осум гласа се разрешува од член на Судскиот совет, но Весна Дамева не е разрешена од функцијата член на Судскиот совет, таа продолжува да биде член, таа е разрешена од функцијата претседател, потенцира Адеми.

Седницата за избор на нов претседател на Судскиот совет е закажана за 2 мај.

Разрешувањето на Дамева предизвика реакции во јавноста и кај експертите во правосудството дека всушност станува збор за непочитување на процедурата.

Директен повод за разрешување на Дамева било нејзиното одбивање да стави на дневен ред нова точка, по што нејзиниот заменик Адеми иницираше гласање за нејзина смена, а причината наводно била дека го криела писмото на амбасадорката на САД, Анџела Агелер, испратено на 11 април, во кое таа изразува загриженост поради одлуката на Апелацискиот суд – Скопје да врати во првостепена постапка на повторно судење неколку предмети од, како што наведува, високи профили.

Дамева по седницата оцени дека „Советот е претворен во анархија“, а одлуката за нејзиното разрешување ја оцени како противзаконска и дека таа е донесена за да се задоволат „одредени поединци од политиката“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот