
Секојдневни хероини | Маја Лазарова, вработена во меѓународна организација во областа на демократското управување: Ситници – така ги нарекуваме најзначајните работи во животот!
Во рамки на серијалот „Секојдневни хероини“ започнавме со интервјуа на жени кои секој ден прават по некој успех, без да се фалат со тоа. Жени што се справуваат со различни предизвици стоејќи и кои секојдневно се борат. Жени кои имаат огромно животно искуство, кое споделено со други ќе придонесе за зајакнување на позициите на жените воопшто.
Денес разговараме со Маја Лазарова, вработена во меѓународна организација во областа на демократското управување.
Препорачано

Кој момент го сметате како пресвртница во својот живот, односно Ви оставил најголемо влијание во животот?
– Живееме во околина полна со стереотипи, стигматизирања, осуди. Колку и да кажеме дека има прогрес во агендата за родова рамноправност, сè уште несразмерно поголем товар на обврски носат жените во секојдневниот живот. Сè уште се знае кои се „женски работи“ и се очекува жената да биде „жртва“ – да се стави себеси во втор план во однос на мажот. Бев заглавена во несреќен брак, без љубов и почит. Долги години се борев самата со себе да донесам одлука – што од несакање да си го признаам неуспехот, што од срам од развод, што од страв дали ќе можам сама да се носам со сите обврски приватно и професионално. Но доаѓа момент кога ќе сфатиме дека немаме друг избор освен оној да се биде храбар и да се сврти нов лист од книгата – живот. И не зажалив во ниеден момент. Слободата и душевниот мир немаат цена. Разводот беше најдоброто нешто што можев да го направам за себе и за своите деца, да живееме во мир, а не во токсична средина. Успеав да се издигнам, да продолжам со своето образование до здобивање на докторска титула, да ги завршувам со успех сите професионални барања на работното место и пред сѐ да бидам среќна мајка на моите две деца. Не заборавам повремено да си се свртам позади себе, да си се потсетам на битките и да си се пофалам за храброста и издржливоста.

Што мислите дека им е потребно на жените во Македонија?
Има многу жени кои се секојдневни жртви на физичко и психичко насилство. Лошата финансиската состојба, за жал, освен во случаи кога директно им е загрозен животот – најчесто не им дозволува да се одлучат да тргнат по свој пат, да се решат да живеат поинаков живот во мир и достоинство. Некои од нив дури и не знаат за поинаку, сметаат дека треба да трпат и дека е нормално така да се живее и таков третман да добиваат од мажот. Затоа треба многу едукација и поддршка. Подигањето на свеста преку кампањи и со користење на можностите на социјалните медиуми сметам дека може многу да придонесе за унапредување на улогата на жените во општеството. Да ги охрабриме жените, да им дадеме поддршка наместо критика.
Кој е најважниот совет што некогаш сте го дале некому?
Велат проблемите во животот се идеална можност човек да си го намали егото, да си погледне во себе и да почне да си ја буди свеста. На почеток на своето „будење“ добив скапоцен подарок – книгите „Тајна“ и „Почувствувај го стравот и соочи се со него“. Од денешна перспектива, токму тие книги и советите во нив ми помогнаа да соберам храброст и да тргнам напред во животот. Таков совет би им дала и на оние кои би го побарале тоа од мене. Во животот секој од нас има падови, секој носи и правилни, но и многу погрешни одлуки. Но секој не е толку свесен и храбар да си признае дека згрешил, да си прости и да тргне напред. Најважно од сè, да си останеме доследни на самите себе, да си се сакаме најпрвин самите себеси. Во таа смисла ќе го цитирам Сократ: Спознај се самиот/самата себеси!
Што би им препорачале на одлучувачите да направат за жените во Македонија?
Најпрвин треба преку институциите на системот да се креираат можности за повеќе жени подолго да останат во образовниот систем, да се изградат професионално, и тоа да придонесе и за поголема економска независност на жените. Постоењето на квалитетни јавни услуги ќе придонесе жените да можат да се потпрат на јавните услуги кои би го супституирале нивниот труд во семејството – како на пример грижата за децата и старите лица. Индексот на родова еднаквост во општините во РСМ покажува дека нееднаквоста во вработеноста меѓу жените и мажите е поголема во општините каде што нема државни градинки. Во просек, во општините каде што нема градинка, на секои 10 вработени мажи има само 4 вработени жени, додека во општините каде што има барам една градинка, на секои 10 вработени мажи има 7 вработени жени. Да почнеме од вградување на родовата димензија во локалните политики и на највисоко државно ниво. Да ги вклучиме жените во развојот на политиките и во решенијата што се носат за да се унапреди нивната положба. Потребна е партиципативност од оние на кои се однесуваат тие решенија.
Eднакви.мк