
Секоја чест: Еве како се запишувале изговори за отсуства од работа во Египет пред 3.200 години
Светот до ден денес се восхитува на „чудата“ на древниот Египет, но сите тие потекнуваат од генијалниот ум на луѓе кои повеќе или помалку биле слични на нас. Освен, се разбира, ако не верувате во бројните теории кои вклучуваат натприродни суштества или вонземјани.
Препорачано
„Работодавците од Стариот Египет воделе евиденција за слободните денови на вработените во регистри напишани на плочи“, пишува Медлин Муздакис во „My Modern Met“.
Еден таков артефакт сместен во Британскиот музеј и датира од 1250 п.н.е. е неверојатен извор на древниот приказ на навигирањето помеѓу работата и животот.
Овие „остракон“ плочи биле направени од тенки листови варовник и се користеле како „бележници“ за приватни писма, списоци за перење, записи за набавки и копии на литературни дела.

Откриен заедно со илјадници други артефакти во селото Деир ел-Медина, овој конкретен „остракон“, кој се чува во Британскиот музеј, нуди богат увид во 280-дневен период и вообичаените изговори за отсуство на работниците како на пример „варење пиво“ и „неговата сопруга крварела“.
Пивото во Египет бил пијалок кој го поврзувале со богови како што е Хатор. Имајќи го предвид тоа, подготовката на пиво била многу важна активност. Или пак „крварењето на сопругата“ реферирајќи на менструален циклус може да звучи неверојатно од денешен аспект, сепак во тоа време бил доволна причина мажот да остане дома и да помага околу домашните обврски затоа што жената не е во состојба.
Што мислите, дали на повеќето од нас во денешно време ни е полесно или потешко отколку на просечниот староегипетски работник? Во зависност од тоа каде живеете, можеби и вие би можеле да отсуствувате од работа со изговор дека сте каснати од скорпија. Но, како би ја објасниле денес потребата за отсуство поради гозба, балсамирање на некој роднина или принесување жртва на вашиот Бог?