
Секој паркира кај ќе стигне, неискосена трева, ѓубре и змии: Аеродром никогаш не бил повалкан, реагираат граѓаните
Аеродромци му порачуваат на заменик-градоначалникот Дејан Митевски да организира јавни средби и граѓаните да му помогнат во решавање на проблемите. Но, апелираат повеќе внимание да се посвети и на уредување на зелените површини, на хигиената и на детските игралишта.
Засилени инспекциски контроли на терен и казни за несовесните граѓани и за фирмите што ја нарушуваат хигиената на јавните површини, се паркираат на плочници и тревници и фрлаат отпад на места што не се предвидени за таа намена, најави заменик-градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митевски.
Препорачано
Тој, заедно со општински инспектори деновиве направи обиколка на неколку критични локации во општината и тоа што го видоа очигледно не им се допадна – несовесно паркирани возила, чии сопственици, како што информираа ќе добијат казни какви што им следуваат.
Притоа, Митевски, кој до неодамна, до престанокот на градоначалничката функција на сегашниот министер за надворешни работи Тимчо Муцунски, беше претседател на Советот и би требало да ги знае сите проблеми во општината, на „обиколката“ бил информиран за реонската распореденост на инспекторите и редарите, како и за нивните дежурства за време на викендите. Од Општината соопштија дека притоа заменик-градоначалникот најавил „зајакнување на соработката со полицијата, особено во делот на добивање информации за лицата што вршат прекршоци, а со цел навремена реакција на терен“.

Во однос на нехигиената на јавните површини низ Аеродром, се планира да се пушти во функција општинско товарно возило што ќе се вклучи во собирање и транспорт на кабастиот отпад од одредени локации. За сето ова, граѓаните ќе бидат навреме известени, по што ќе можат за симболична сума да ја добиваат и оваа услуга.
Митески најави и изнаоѓање начин за справување со запуштените приватни имоти кои со години не се одржувани од сопствениците, со што би се ставил ред на голем број локации што сега се обраснати со висока трева или претставуваат мини депонии. Општината и натаму останува во служба на граѓаните, затоа што само на тој начин можеме да имаме здрава и чиста животна средина – информираа од Аеродром на Фејсбук.
Но, аеродромци одамна не им веруваат толку лесно на ветувањата што им стигнуваат од општинските раководства, па реагираа на најавата за засилени инспекции и за подобрување на јавната хигиена со критика, но и поддршка, како и со наведување на повеќе проблеми со кои секојдневно се соочуваат.

Граѓаните велат дека со години наназад Аеродром се уништува, дека секој паркира каде ќе стигне без да биде казнет, дека на паркинзите се оставени хаварисани возила што узурпираат паркинг места.
Паркинзите прво исчистете ги од возилата што не се во возна состојба и само узурпираат паркинг место како да е во нивна сопственост, а служат како остава. Ова навистина не е во ред или воведете зонско паркирање, срамота е станарите нема кај да се паркираме. Кај парк Авионче со коли уште во црква да влезат. Ни ред ни роредок со паркинзите – коментира Невена Насковиќ.

Како една од локациите со неправилно паркирани возила ги посочуваат и тротоарите на улицата Февруарски поход кај пералните.
Тие перални треба да си обезбедат паркинг ако сакаат да работат, а не да се паркираат колите кај што ке стигнат. Или возилата по тротоарите на пример на Тодор Чангов. Луѓето 99% имаат гаражи ама сите возила им се паркирани на тротоари. Па не знам каков да е градоначалникот не може да стаса насекаде. Треба малку на свеста да се поработи, а тоа се постигнува само со казна. Нема друг начин – вели Весна Ристевска.
Аеродромци му порачуваат на Митевски да организира јавни средби и граѓаните да му помогнат во решавање на проблемите. Но, апелираат повеќе внимание да се посвети и на уредување на зелените површини, на хигиената и на детските игралишта.

Неискосена трева на сите страни, змии ќе не изедат!!! Ѓубре, детските паркови уништени, за ново да не правиме муабет. Повалкана не била општина Аеродром. Кучиња на сите страни, не знаеш дали од нив да бегаш или од ѓубрето. Како во кочина да живееме. Никој од вас до сега немаше ниту ќелба ниту доблест да среди нешто- реагира Соња Кавракова.
Аеродромци ќе уживаат на зелени површини, од Општината тврдат дека се уредуваат дури три парка
Викендов од Општина Аеродром соопштија дека започнуваат со санација и реконструкција на сите 60 детски игралишта, при што ќе се заменуваат или поправаат постојните подлоги и целосно ќе се заменат или ќе се поправат оштетените реквизити и заштитните огради. Заменик-градоначалникот Митески информира дека Општината неодамна изготви детален извештај за состојбата со детските и спортските игралишта на територијата на Аеродром, а нивното обновување и реконструкција ќе се спроведат според утврден план и динамика.