Секој човек годишно фрла по 79 килограми храна, а 800 милиони луѓе гладуваат

Донирани оброци за гладни во Лондон - Фотографија ЕПА, Енди Рејн

Во 2022 година биле фрлени 1,05 милијарда тони храна, односно 19 отсто од произведената

Со подобра дистрибуција, оптимално планирање и подомаќинско однесување може да се издвои по речиси еден и пол оброк дневно за секој од 783-те милиони луѓе што гладуваат низ светот, покажува извештајот за Индекс на фрлена храна за 2024 година.

Во извешајот, изработен од Програмата на Обединетите нации за природа (УНЕП), се истакнува дека во 2022 година биле фрлени 1,05 милијарда тони храна, односно 19 отсто од произведената. Уште 13 отсто од храната се губат во процесот на обработка и транспортот, од жнеењето до поставувањето производи во продавници или во ресторани.

Најмногу храна фрлаат домаќинствата – дури 631 милион тони, односно 60 отсто од вкупното светско количество. Секој човек просечно фрла по 79 килограми храна годишно, односно по 216 грама на ден. Тоа вкупно се најмалку 1 милијарда оброци дневно, со кои би можело делумно да се нахранат стотиците милиони што немаат доволно храна или пристап до неа.

Тоа не значи дека фрлањето храна е проблем што го имаат само богатите земји. Разликата помеѓу количествата фрлена храна во домаќинствата во земји со високи и со ниски примања е само 7 килограми по човек годишно. Земјите во потоплите региони повеќе фрлаат храна, бидејќи таму потешко може да се зачува, обработи, транспортира и продаде храната во жешките периоди. Руралните области традиционално фрлаат помалку храна, бидејќи можат со неа да ги задоволат потребите на добитокот.

Фрлањето на храна го засилува и глобалното затоплување, не само поради тоа што попусто се троши енергија за производство и обработка на храна што нема да биде употребена. Губитоците во храна генерираат меѓу 8 и 10 отсто од глобалните емисии на гасови што предизвикуваат ефект на стакленичка градина. Тоа е пет пати повеќе од глобалните штетни емисии на авијацијата.

– Земји како Јапонија и Обединетото Кралство покажаа дека е можно значително да се намали процентот на фрлена храна. Јапонија го намалила количеството за 18 отсто, а Обединетото Кралство за дури 31 отсто. Владите, градовите, општините и прехранбената индустрија треба да работат заедно за да го намалат количеството храна што се фрла – се наведува во извештајот на УНЕП.

Во европските земји опфатени со истражувањето, најмногу храна по жител се фрла во Швајцарија и Португалија (околу 170 килограми годишно) и во Малта, а најмалку во Русија, Хрватска и Бугарија (25 килограми).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот